ПОЧЕТНА Други лиги ТНТ експлодира во Градски парк

ТНТ експлодира во Градски парк

сподели

Во ладната сала во центарот на Скопје се случи сензација од свој вид, што им ги стопли срцата на искрените љубители на спортот, затоа што е оптимистичка епизода во една приказна со обид за среќен крај.

Екипата ТНТ од Ѓорче Петров славеше со 64:74 над фаворизираниот состав на Работнички, кој што составен од младите играчи на најтрофејниот колектив кај нас се натпреварува во второлигашката конкуренција (Запад).

Аплицирајте веднаш за

Во првиот период беше изедначено (16:16), во вториот домашната екипа имаше предност (23:20), во третата четвртина беше најавено (17:23) изненадувањето што беше потврдено во последната (08:15).

За победата на момчињата што „доаѓаат од после мостот“ беше заслужен колективниот дух, а од поединците најдобри на двете страни беа двете деветки – Атанасов кај гостите со 22 поена, односно Темелковски кај домашните со 15 поени.

ТНТ ја забележа четвртата победа, има и 6 порази во досегашниот тек на сезоната, а Работнички има спротивен ефект со 6 победи и 4 порази. Двата тима се во средината на табелата, меѓу 5-та и 8-та позиција од 12 екипи.

Во следното коло, ТНТ игра дома против Гостивар, додека Работнички гостува кај Спорт Тим.

Победата во 10-та рунда, за екипата на ТНТ има огромно значење, затоа што освен што е совладан реномиран противник кој што во своите редови има членови на првиот тим, овој триумф вбризгува крв во вените на сите што искрено и чесно го сакаат спортот, а најмногу на актерите на споменатиот меч.

Тоа би требало да им ги рашири крилјата на младите кошаркари, кои што самоиницијативно формираа екипа составена од играчи што не можеа да најдат ангажман во другите екипи или беа елиминирани како неталентирани.

Овие „деца“ не се откажаа и велат дека немаат намера да се откажат, иако тренираат помалку од еден час по тренинг два до три пати неделно во мали сали, а згора на тоа самите се финансираат и имаат скромна помош од неколку љубители на спортот од скопската населба од каде што доаѓаат.