ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Титулата тргна кон Аеродром

Титулата тргна кон Аеродром

сподели

МЗТ Скопје води со 2:0 во финалната серија од македонското првенство, по триумфот како гостин кај Работнички со 60:69.

Аеродромци ги искористија сите ресурси со кои располагаа, сите проблеми на противникот и се на чекор од остварувањето на главната цел за оваа сезона.

Вториот натпревар од финалето беше многу поразличен отколку првиот во „Јане Сандански“. Работнички повторно рано поведе со 10 поени разлика (19:9), но сега не ја испушти предноста до последната четвртина.

МЗТ Скопје постојано беше зад петиците, ја бркаше негативата, но недостасуваше последниот чекор, последниот кош. Неколку пати, особено во второто полувреме, се доближи на еден поен разлика и пропушти повеќе шанси да поведе.

Пересвртот се случи кон средината на последната четвртина кога Работнички повторно колабираше (како и на првиот натпревар) што е и разбирливо ако се знае дека играше со само седуммина кошаркари бидејќи Караџовски се повреди во втората минута, а во финишот Стајиќ излезе од игра поради пет лични грешки.

Кулминација беше серијата од 12:0 во која Дамјан Стојановски партиципираше со 8 поени, а по што МЗТ Скопје поведе со 54:62. Ефремовски намали со тројка, но Работнички немаше свежина да направи нов пресврт на натпреварот.

Дамјан Стојановски со 16 поени беше најефикасен во победничката екипа, но 11 од нив постигна во последната четвртина кога се одлучуваше победата.

Работнички долго време се потпираше на шутот од далечина, во првото полувреме постигна 9 тројки од 21 шут, но во вториот дел затаи тој елемент и дојдоа проблемите. Чавдар Костов постигна 19 поени, а одличен натпревар одигра Ефремовски кој ја искористи минутажата и беше еден од најдобрите на теренот.

Сега МЗТ Скопје има три можности да дојде до седмата титула во својата историја и седма во последните осум години. Првата од нив е веќе на 13-ти јуни на домашен терен, пред своите навивачи.