ПОЧЕТНА Колумни Тешеќур, Ефенди! А да си останете тука?

Тешеќур, Ефенди! А да си останете тука?

сподели

Судиската тројка од Турција дојде, си отсуде според сите светски стандарди и си замина како најголемиот победник во 25-то македонско кошаркарско финале.

Тројцата „бабуши“ во ниту еден момент не дозволија ниту еден неспортски потег. Во ниту еден момент не дозволија ниту еден неспортски гест. Во ниту еден момент не дозволија некој да стои покрај клупата на едната или на другата екипа.

Турците постојано беа насмеани, изгледаа како господа, ладнокрвно и без пристрасност ја делеа правдата на мечот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Карпош Соколи, во кој што беше решен шампионот на Македонија.

Аплицирајте веднаш за

Луѓе, на Турците им молчеше и публиката!!! И на трибините беше спортски театар, онака како што треба да биде на еден нормален спортски натпревар. Сите си ја бодреа својата екипа, никој не „пцуеше“ или „плукаше“ никого. Ви се верува??? Во Македонија???

На крајот, од турската арбитража беа задоволни сите!

Не е важно кој ја освои титулата, не е важно кој победи, а кој загуби, не е важно кој колку поени даде, не е важно кој е МВП, кој е најдобар скокач, кој е најдобар додавач… Турската судиска тројка ги стави во сенка СИТЕ!

Уште еднаш се покажа дека на македонскиот синдром на самоуништување, на македонската болештија „мрази го најближниот свој“ за која што нема лек, на македонската тенденција да уништува се што е вредно и треба СУЛТАН. Или барем тројца пратеници на Султанот, кои што само што се појавија, не смирија сите, ја скротија оваа раја!

Не Ви доаѓа да се прашате – „Зошто се боревме против нив?“.

Ви благодариме господа Мехмет Кесератар, Фатих Арсланоглу и Мехмет Карабилечен, што уште еднаш, најверојатно несвесно од Ваша страна, само вршејќи си ја Вашата должност, ни покажавте кои сме и што сме.