ПОЧЕТНА Избор на уредникот ТЕМА: Расизмот во кошарката

ТЕМА: Расизмот во кошарката

сподели

Темата повторно ја актуелизира претседателот на Лиетувос Ритас, Гедвидас Ваинаускас, кој што излезе во јавноста со забелешка дека, според неговото 23 годишно искуство, една екипа не требало да има повеќе од двајца црни кошаркари, затоа што тогаш почнувале проблемите.

„Црните кошаркари формираат своевидни „банди“ во рамките на екипата и се однесуваат како што сакаат, не ги почитуват правилата, седат по дискотеки до раните утрински часови.“ – се дел од забелешките на Ваинаускас.

Подоцна, тој се извини за евентуалната погрешна интерпретација на неговите зборови и се обиде да го ублажи ефектот на неговите зборови, истакнувајќи дека зборувал за однесувањето на повеќето „странски“ кошаркари во Лиетувос.

Аплицирајте веднаш за

Реакцијата на јавноста

Престижната емисија First Take, што се емитува на американската телевизиска мрежа ESPN, му посвети внимание на овој гест на литванскиот кошаркарски работник, со акцент на расистичката димензија што во себе ја носат зборовите на Ваинаускас.

„Очигледно е дека мажите со црна боја на кожата, жените исто така, но особено мажите, се изложени на константни притисоци насекаде низ светот, не само во САД.

Само затоа што сме „црни“ некој сака да не контролира да не држи во линија, да не ни дозволи да ги рашириме крилјата и да летаме, а од друга страна тие истите сакаат да ги експлоатираат нашите можности и способности и од тоа да имаат материјална корист.

Сетете се на неодамнешниот случај со расистичките графити на куќата на Леброн Џејмс, што јасно ни даде до знаење дека без разлика колку си успешен, само затоа што си „црн“ постојано ќе бидеш под притисок.“ – беа зборовите на еден од водителите на емисијата, Стивен А. Смит.

Макс Келерман отиде подалеку, обидувајќи се со доза погрдни зборови (морон и слично) да го „разбуди“ претседателот на Лиетувос, за кој што рече дека не може ниту да му го изговори името правилно, потсетувајќи го на најславните кошаркарски тимови во историјата.

„Сетете се на Дрим тимот кој што царуваше со планетата Земја, сетете се на Чикаго Булс, сегашните финалисти Голден Стејт и Кливленд, некогашната екипа на Бостон Селтикс. Сите тие имаа или имаат повеќе од двајца црни кошаркари во составот. Луѓето треба да бидат квалификувани врз база на нивните способности, а не врз база на бојата на кожата. – рече во (кратко парафразирано) обраќањето Келерман.

Наш коментар

Многу често, во Европа се формираат екипи кои што во својот состав имаат повеќе кошаркари што имаат црна боја на кожата. Проблемот не е со нивното потекло, туку со индивидуите што се избираат, нивниот карактер, нивниот професионализам и нивните кошаркарски квалитети. Во обидот да стигнат до „евтина работна сила“ или „брзи резултати“, сопствениците на екипите многу често прават превиди и со тоа самите си ги рушат своите инвестиции.

Овој случај уште еднаш укажува на карактерната димензија на спортот, дека физиономијата на екипата треба да се гради според човечките особини на индивидуалците, а не само според нивните професионални способности. Екипата се гради повеќе години, за наредната сезона се размислува пред крајот на сегашната. Во сите „инстант обиди“ постои голема шанса, некаде „да пукне“.

Своевидни фракции во составите на екипите можат да формираат, а најчесто и го прават тоа, кошаркари од исто потекло, иста земја или иста школа, како на пример афро-американски кошаркари или балканци. Своевидни банди формираат и „белите“ кошаркари и „црните“. Не е проблемот во „бандите“ или во фракциите, туку во причината зошто тие се формирани и кој ги формирал, односно кој дозволил да се формираат.