ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Струмица донесе уште еден Американец

Струмица донесе уште еден Американец

сподели

Откако се појавија проблеми со трансферот на бекот Џервин Џонсон, раководството на Струмица донесе друг Американец како негова замена.

Тоа е 23-годишниот Кевин Тајс кој сезонава ќе ја игра својата прва сезона во професионалната кошарка. Во Струмица доаѓа од Универзитетот Ли за кого последната натпреварувачка кампања одиграл 28 натпревари (26 како стартер) со извонреден ефект од 17,5 поени по натпревар. Тој ќе биде трет странец во тимот по своите сонародници, плејмејкерот Тајлер Дил и крилниот центар Рантавиус Гилберт.

Аплицирајте веднаш за

Идната недела (29 и 30 септември) Струмица заминува на “Пловдив купот” во Бугарија каде ќе ги одигра првите подготвителни натпревари пред новата сезона. Прв противник ќе биде Левски, а на турнирот ќе учествуваат уште домаќинот Академик Бултекс и Спартак Плевен.

По завршувањето на настапот во Бугарија екипата ќе отпатува во Солун на уште еден пријателски дуел.

И покрај трите странски засилувања, Струмица во новата сезона ќе им даде шанса на младите кошаркари, а особено на оние кои потекнуваат од младинската школа на овој клуб. Во ростерот на тренерот Власос Влаикидис има пет кошаркари на возраст од 17 до 20 години, потоа 23-годишниот Михајло Арсовски и 25-годишниот Димитар Делипетров, а највозрасен ќе биде повратникот и капитен на тимот Петре Цветков. Заедно со тројцата Американци, Струмица ќе го има најмладиот тим во Првата лига претстојната сезона.

Најважна цел на клубот е развој на младите кошаркари кои ќе добијат поголема минутажа за на подолг рок да станат носители на играта на тимот. Истите играчи претстојната сезона ќе се натпреваруваат и во М20 лигата, а во присуство на играчи од странство и тројцата лиценцирани тренери Власос Влаикидис, Петар Настев и Васко Атанасов ќе се развиваат и ќе добијат шанса во сениорска конкуренција.

Пред актуелното раководство на КК Струмица стои желбата клубот да се врати на нивото од пред една деценија кога ја освои шампионската титула во домашното првенство, но и да почне одново да „произведува“ врвни млади кошаркари како Илиевски, Мираковски, Богоев итн. Планот е за неколку години клубот повторно да заигра и на евро-сцената преку куповите на ФИБА или АБА лигата.