ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Стрес тест за шампионот, но Фени не издржа

Стрес тест за шампионот, но Фени не издржа

сподели

Пет дена по големото дерби во „Јане Сандански“, Работнички го претрпе најголемиот стрес на домашен терен последните две сезони.

Она што требаше да биде рутинска работа за шампионот се претвори во брканица и на крајот избегнување сензација во овој дел од првенството. Работнички го совлада Фени Индустри со 92:87, но дури откако кошаркарите на Марин Докузовски сфатија дека ѓаволот ја однел шегата.

Аплицирајте веднаш за

За тоа им требаше повеќе од едно полувреме во кое Фени Индустри го диктираше темпото и се закануваше да направи големо изненадување. Никој не ги сфати сериозно кавадарчани кога во шестата минута, предводени од извонредниот Пајиќ, поведоа со 9:20, ниту во 14. кога ја достигнаа највисоката предност од +15 (28:43 и 30:45).

Работнички се обиде да се врати со серијата од 10:0 во која Стајиќ партиципираше со 4 поени, а Ефремовски и Костов со по една тројка, но Фени врати на идентичен начин и на 70 секунди пред крајот водеше со 42:56. Костов, Мираковски и Ефремовски се погрижија негативата на полувреме да биде само 7, но треба подлабоко да се прочепка низ архивата за да се најде кога Работнички последен пат во едно полувреме примил 56 поени.

Но, Фени не го издржа второто полувреме, поточно третата четвртина. Во 23. минута беше 51:60 и потоа следуваше пеколната серија на актуелниот првак. До крајот на тој квартал Работнички направи 24:2 и по 30 минути игра водеше со 75:62. Фени беше без поен околу пет минути, а домаќините го направија она што се очекуваше – го запреа Пајиќ и тука застана играта на Фени.

Репрезентативецот не постигна ниеден кош во второто полувреме, Петровски, Мајер и Фандербург се обидуваа да држат неизвесност, но веќе беше доцна бидејќи на три минути пред крајот Работнички имаше +17 (90:73). До крајот кавадарчани постигнаа 14, а примија само два поена, но немаше време за тотален пресврт.

Николовски и Костов постигнаа по 18 поени, но треба да се истакне играта на Ефремовски кој на теренот помина 15 минути, а во тој период реализира 11 поени со три тројки. Особено беше значајна втората, постигната во последните секунди до која Работнички ја врати самодовербата и се симна од двоцифрена негатива.

Освен тоа, за одбележување е одличниот процент на погодени слободни фрлања на Работнички – 96 (25/26).

Кај Фени, Фандербург беше најефикасен со 19 поени на кои додаде 10 асистенции, но имаше и осум загубени топки.