ПОЧЕТНА Избор на уредникот Србите скоро редовно ни шиткаат евтина кошарка, а ние се фаќаме како...

Србите скоро редовно ни шиткаат евтина кошарка, а ние се фаќаме како кленови!

сподели

Натпреварот за заборав на МЗТ Скопје против ФМП, урнебесниот пораз од -28 (100:72), ја потврди теоријата дека тешко играме против српските екипи, особено против просечните, особено на гостински терен.

Победата против Партизан е нешто друго, затоа што тој натпревар се играше дома, пред своја публика, на познат паркет, против екипа што инспирира само кога ќе и го чуеш името, а кога ќе истрчаш на теренот даваш не 100-че, туку 200-че од можностите.

Таа победа можеби го опијани МЗТ, но сигурно е дека го измори и го исцеди македонскиот шампион. Можеби играчите од Аеродром беа занесени дека лесно ќе си поминат во Железник, но сигурно е дека по истоштувачкиот дуел во Јане Сандански, сега знаат како е и кога ќе удриш во ѕид.

Аплицирајте веднаш за

ФМП го натскока МЗТ, со 39 наспроти 24 скока. Домаќинот имаше 29 дефанзивни и 10 офанзивни прифатени топки, гостинот беше прескромен со 19 дефанзивни и 5 офанзивни. Српската екипа ја истепа македонската, под кошевите.

Србите имаа монструозни преку 70% во шутот за два поена, нашата екипа имаше 50%. Тоа значи дека не сме биле доволно агресивни во одбраната и сме му дозволиле на противникот да погоди во просек 7 од 10 удари за два поена, главно непосредно од близината на нашиот кош. Така, кошарка, не се игра.

Ударот за три поени најчесто е лотарија, во случајов рулетот сакаше домаќинот да биде подобар. Се вежба и за тројка, но може и да не ти тргне. На ФМП не само што му тргна, туку скоро сите шутеви беа од отворени позиции кои што беа изградени со добра циркулација на топката. Значи, играчите на МЗТ Скопје не успеваа да стигнат да покријат, а нема кој, мора тие да го сторат тоа.

Не може да се пожалиме на судиите, затоа што МЗТ Скопје изведе 27 слободни фрлања и погоди 22, а ФМП имаше 17 слободни и погоди 12. Ова е илустрација дека, иако ФМП водеше во текот на целиот натпревар, не дозволуваше лесни поени. Нека се мачат од линијата за слободни, нема лесни два. Тоа е базата на кошарката, тоа се учи во основно кошаркарско училиште.

Екипата на ФМП имаше вкупно 22 тимски асистенции. На стартот се обидовме со Мекиќ на Човиќ, што навидум беше идеално решение затоа што физичките предиспозиции на двајцата едноставно не се мерат.

Но, кошарката е тимска игра. Најдобриот, моторот на домаќинот не постигна многу поени, само скромни за него 9, но затоа реализира 12 асистенции, најчесто остварени преку одличните „блокови“ поставени од неговите соиграчи. Додавања 12, по 2 поена најмалку, тоа се минимум 24 поени во противничкиот кош. Проста математика.

ФМП оствари 6 блокади на нашите удари, МЗТ Скопје немаше ниту една блокада. Каде сте, центри? Добри сте? Еве ние дојдовме да си поиграме баскет-че. ФМП имаше 8 украдени топки и 15 загубени, а МЗТ имаше 5 украдени и 14 загубени.

ФМП направи 25 лични грешки. МЗТ само 19, а губеше во текот на целиот натпревар. ФМП имаше валоризација 124, МЗТ Скопје само 64. Добро е, што мечот не заврши 100:50.

Не Ве караме, не се секирајте. Само Ви укажуваме на грешките. Кога ќе победувате, ќе ве носиме на раце. Кога ќе губите, ќе ве поддржуваме. Но, кога ќе го резилите дресот на македонскиот шампион, поради што кога ќе отидеме на гости во Белград ќе ни се смеат од каде доаѓаме, е тогаш ќе ве ругаме со сите сили!

Поразот не боли затоа што е скоро 30 разлика. Или затоа што е од просечна екипа од соседна Србија. Или затоа што буџетот на МЗТ е тука некаде со оној на ФМП, а можеби и поголем. Поразот боли затоа што противникот не игра ама баш ништо посебно и затоа што Филип Човиќ изгледаше како Мајкл Џордан!!!

Имате шанса за поправен, на 9-ти октомври, против Задар.

(НАПОМЕНА: Во текстот е користен „сленг“. Сите фотографии во овој текст се искористени од aba-liga.com, FMP.)