ПОЧЕТНА АБА Со атомски напад до прва победа на гости

Со атомски напад до прва победа на гости

сподели

МЗТ Скопје го скрши малерот и првпат оваа сезона триумфираше надвор од својата арена кога станува збор за АБА 2.

Прва жртва е последнопласираниот Вршац, но победата е одлична најава за големото дерби на домашното првенство против Работнички на 12 ноември. МЗТ Скопје славеше со 95:88 во уште едно одлично напаѓачко издание во регионалното натпреварување.

Тоа, пред се, се однесува на првото полувреме во кое македонскиот вицешампион постигна 62 поена.

Вршац одлично почна, водеше со 12:4 во третата минута, а предноста ја задржа до крајот на првата четвртина. Резултатот на своја страна МЗТ Скопје го сврте на почетокот од вториот период кога по серијата од 9:0 поведе со 27:35. Нешто подоцна имаше и двоцифрена предност која ја задржа до полувремето.

Во првиот дел доминираше Андрија Бојиќ кој во тие 20 минути постигна 27 од вкупно 29 поени.

Во продолжение МЗТ Скопје имаше и +18 (60:78), но периодот на криза дојде пред крајот на третата и почетокот на последната четвртина. Вршац напраци серија од 12:0 и во 33. минута се доближи на само четири поени негатива (81:85).

Во последните 10 минути МЗТ Скопје постигна вкупно 10 поени, но кога требаше ја зацврсти одбраната и не дозволи да загуби уште еден натпревар како оној против Приморска во третото коло.

Освен Бојиќ кој постигна 29 поени, се истакна и Вудард со 18 и Стојановски со 14, но тренерот Ѓорѓи Кочов имаше проблеми со составот бидејќи поради повреда не играше Иванов, а Магдевски е болен.

Во осмото коло нашиот претставник во АБА 2 ќе го пречека Динамик, но претходно го очекува натпреварот на сезоната против Работнички на домашен терен.