ПОЧЕТНА АБА Серијата на МЗТ Скопје застана во Чачак

Серијата на МЗТ Скопје застана во Чачак

сподели
фото: KK Borac/Dusko Radisic

Македонскиот вицешампион им подлегна на проблемите со кои се соочува веќе подолг период.

Без Младеновски и Маслинко, со рековалесцентот Соколов и со веќе потрошени сили на останатите кошаркари, МЗТ Скопје не успеа четврти пат во низа да слави во АБА лигата. На гостувањето кај Борац загуби со 79:74 и пропушти шанса да го зголеми притисокот врз Приморска кога станува збор за првото место во АБА 2 конкуренцијата.

Нашиот тим одлично почна, имаше 5:12 во првата четвртина, потоа дојде до криза која Борац ја искористи за да направи предност од 7 разлика во неколку наврати, но со серијата од 13:4, МЗТ Скопје се избори за минимална предност на полувреме (40:42).

Интересно беше и на почетокот од третата четвртина кога аеродромци поведоа со осум разлика (46:54), а контролата над резултатот ја држеше до пред крајот на тој период. Борав направи серија од 13:2 и на почетокот од последните десет минути дојде до 71:63.

Кога веќе го презеде водството, домашниот тим го искористи заморот кај нашиот тим кој, главно, играше со пет кошаркари и во следните пет минути дојде и до двоцифрена предност (77:66).

МЗТ, сепак, не се предаде, дојде на 77:73, но во продолжение загуби неколку топки, не успеа да погоди од далечина и Борац дојде до победата, одмаздувајќи се за поразот во Скопје во второто коло.

Без разлика на неуспехот, сите кошаркари на нашиот вицешампион заслужуваат честитки за своите изданија на серијата од три гостувања која дојде во најлош можен момент. Сепак, поени постигнаа само петмина играчи од кои најефикасен беше Иванов со 25. Медфорд беше лош на реализациски план, постигна само 3 поени, но затоа имаше 8 скока и 9 асистенции.

Со овој натпревар МЗТ Скопје стави точка на 2018 година, но нема многу време за одмор. Првиот меч во новата година ќе го има веќе во нејзиниот трет ден и тоа дерби на домашен терен против лидерот Примоска.