ПОЧЕТНА А Репрезентација Сепак, добри вести: Тасовски е во ред и ќе патува со репрезентацијата...

Сепак, добри вести: Тасовски е во ред и ќе патува со репрезентацијата во Естонија

сподели
Искусното крило ќе игра против Естонија

Еден од најдобрите во македонската кошаркарска репрезентација Диме Тасовски нема посериозни проблеми и утре ќе патува со остатокот од националниот тим за Естонија.

Тој доживеа повреда во финишот од дуелот против Косово во саботата кога отече неговата десна нога во пределот на потколеницата. Неизвесно беше дали ќе настапи на последниот претквалификациски натпревар против Естонија, но во овие два дена ситуацијата е значително подобрена.

„Се е во ред во моментов. Отокот речиси го нема, правев терапии овие два дена и ќе патувам со репрезентацијата“, кратко изјави Тасовски за basketball.mk пред вечерашниот тренинг на репрезентацијата.

Присуството на Тасовски е непроценливо за националниот тим

Новиот член на Гостивар е еден од најважните кошаркари во составот на Јорданчо Давитков. На претходните три натпревари просечно постигнуваше по осум поени и три скока, но со својот професионализам е пример за помладите кошаркари во репрезентацијата.

На Македонија и е потребна победа во Талин в среда за заверка на пласманот во квалификациите за Светското првенство во 2019 година. Во случај на пораз ќе го чекаме епилогот од последниот натпревар од нашата група в сабота кога во Приштина играат Косово и Естонија.