ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА САМАРЏИСКИ: Оваа екипа е конструирана за големи успеси

САМАРЏИСКИ: Оваа екипа е конструирана за големи успеси

сподели

Повратникот во македонската кошарка го одбележа второто „вечно“ дерби оваа сезона во домашното првенство.

МЗТ Скопје го победи Работнички на крилјата на Самарџиски кој со 16 поени и 16 скока беше најдобар поединец на натпреварот. Искусниот центар го надополни отсуството на Љубомир Младеновски, сам се бореше против високите играчи на Работнички и на крајот ја доби битката.

„Влеговме фокусирани во мечот, а кога се игра против екипа како Работнички, важно е да се наметне стил на игра и да се диктира темпо. Одржувавме разлика во поголемиот дел од мечот и им го затворивме нападот.

Во третиот период Работнички имаше добар налет, но ние се одбранивме. По наши грешки, пред крајот го вративме противникот во игра, но потоа успеавме да славиме. Особено сме задоволни што ги усреќивме нашите навивачи, видовте колку им значи оваа победа и само можам да кажам дека нема да биде последна“, изјави поранешниот репрезентативец кој, се надеваме, не го кажал последниот збор во националниот тим.

МЗТ Скопје и натаму е на три фронта. Во период од еден месец го очекува плеј-офот во АБА 2 каде ќе брка пласман во елитата, потоа завршницата во Купот на Македонија и на крај плеј-офот во кој се надева на седма титула во последните осум години.

„Сега не чекаат другите предизвици, секој меч ќе ни биде како финале, а секоја победа како да сме освоиле трофеј.

Мора во секој меч да влегуваме како во дербито со Работнички и да го држиме фокусот што ни е поставен од стартот на сезоната, а тоа е влез во АБА-лигата, одбрана на трофеј во Купот на Македонија и напад на шампионскиот трон. Мислам дека оваа екипа е конструирана за такво нешто“, дополни Самарџиски.