ПОЧЕТНА Во позадина Русите ги дробат доларите во Евролига

Русите ги дробат доларите во Евролига

сподели

Легендата вели – најмногу банкноти од 100 американски долари, се наоѓаат во руски раце, односно се во оптек во најголемата земја на светот. Во приказните за глобалниот светски поредок се шпекулира и дека најголемите американски компании, црпат нафта во руските подрачја.

Која и да е вистината во односите на овие два гиганта (и вековни „непријатели“) кои што го вртат светот по системот топло-ладно, како сакаат и кога сакаат, ние обичните смртници никогаш нема да дознаеме.

Она што го знаеме, е дека Русите бројат во долари и кога ги плаќаат кошаркарите, а приклучувањето кон Европската унија (Германско-Француска креација, 1992) или евро-зоната, не им е на агендата на размислување ниту на најдолната точка.

Затоа што еврото не е официјална валута во Израел, Турција и Русија, каде што се вртат огромни пари во кошарката, поголемиот дел од европските договори се потпишуваат во долари, а така е полесно и да се споредува со договорите во американската НБА лига.

Руските екипи трошат најмногу пари во премиерното европско кошаркарско натпреварување, што е потврдено со најновата листа на 10-те најплатени играчи во УЛЕБ Евролига. Подолу наведените договори се нето вредност, без пресметка на даноците.

Швед и Де Коло (Vtb League)

Најплатен, убедливо најплатен кошаркар на денешницата, на европско тло, е рускиот играч со НБА искуство, Алексеј Швед кој што има плата од 4 милиони долари и игра за Химки. На втората позиција е францускиот интернационалец Нандо Де Коло, кој што има плата од скоро 2.8 милиони американски долари, игра за ЦСКА Москва.

На третата позиција е Ник Калатес, кој што игра за Панатинаикос и на сметка му легнуваат 2.55 милиони долари. Се разбира, газдата на грчката кошаркарска екипа и претседател на ПАО (контроверзниот, но многу успешен и светски влијателен бизнисмен, Димитрис Јанакопулос) не би бил тоа што е, ако не се замеша каде што се плеткаат најбогатите.

Калатес и Јанакопулос (paobc.gr)

Истата сума што ја зема ќелавкото, ја има и Серхио (Ел Чачo) Родригез на четвртата позиција на оваа листа, кој што воедно ја затвора најскапата европска тројка, која што игра во Русија, но не е дел од една екипа. Следни на листата се Чехот Јан Весели од Фенербахче со 2.43 милиони долари плата и Шпанецот Серхио Љуљ од Реал Мадрид со 2.2 милиони долари плата.

Американецот Крис Синглтон од Панатинаикос има 1.9 милиони, пред неговите сонародници Мајк Џејмс од Олимпија Милано со 1.8 милиони и Шејн Ларкин од Ефес со 1.7, колку што има и францускиот репрезентативец Жофри Ловерњ од Фенер.

Русите трошат 10, а останатиот дел од Европа 15 милиони во Топ 10 најплатените договори. Панатинаикос е пред Фенер и веднаш зад „лидерот“ ЦСКА Москва, на оваа листа на најмногу потрошени пари. На американски играчи се одлеваат „само“ 6 милиони меѓу Топ 10 имињата.