ПОЧЕТНА Други лиги РЕАКЦИЈА НА ЛИСИЦИТЕ: Фарса и дезинформации!

РЕАКЦИЈА НА ЛИСИЦИТЕ: Фарса и дезинформации!

сподели
фото: gol.mk

Управниот одбор на Кошаркарскиот клуб Водњански лисици Скопје ја информира јавноста дека поради недоследноста и дезинформациите на канцеларијата на Македонската кошаркарска Федерација (МКФ) и Комитетот за итност на МКФ, кој е продолжена рака на Управниот одбор (УО) на МКФ, нашиот сениорски машки тим, иако минатата сезона како втор во втората Лига се избори за враќање во елитата, не игра во Првата лига во оваа сезона во која напролет клубот ќе наполни 25 години од постоењето.

Донесените одлуки на МКФ во однос на (условите за) настапот во Првата машка Лига се лоши, своевидна се фарса и се на штета на оние клубови, во кои се вбројуваме и ние, кои успешно создаваат млади кошаркар(к)и. 

Клубов не е дрво без корен. Освоивме 10 титули и најмалку 10-на сребрени и бронзени медали во многу млади возрасни категории во машка и женска конкуренција. Создадовме, и одовде потекнаа, по неколку членови на А-репрезентациите (Самарџиски и Јане Петровски, а на поширокиот список беше и тренерот на сениорите Софкоски, кај дамите Самарџиска, сестрите Ханка и Едина Муса, Раденковиќ).

Аплицирајте веднаш за

Сениорките, водени од тренерот Бобан Самарџиски и Бојана Самарџиска освоија двојна круна во 2001 г. По двапати (во 2000 г. и 2007 г.) сениорките беа втори во првенството и Купот. Јуниорките предводени од Ханка Муса беа двапати првенки.

Амди Муса беше селектор на репрезентацијата до 16 г. на ЕП во Мадрид 2003 г. која заврши седма и за неа тогаш играа 4 наши кошаркари.

Низ клубов поминале неколку стотици кошаркар(к)и.

Не добивме поддршка од МКФ, иако, исто како и во премиерната машка прволигашка сезона (2014/2015), и во оваа сезона планиравме да играме исклучиво со домашни, и тоа млади, кошаркари. А, нели, треба домашните кошаркари да имаат (достојна) минутажа.

МКФ треба да постои поради клубовите, а не да биде обратно. МКФ треба да помага на клубовите, а не да ги дезинформира.

Нашиот спортски директор и тренер-координатор во сите категории на клубов, Проф. Амди Муса, кој во кошарката е 50 г. како играч, тренер и функционер, во канцеларијата на МКФ, лично од спортскиот директор Владимир Темелковски, беше информиран дека во Првата машка лига сезонава ќе играат само оние екипи кои можат да бидат домаќини во сали кои се според строгите прописи на ФИБА, дури и по цена да првата Лига брои само 6 екипи.

Тоа значеше дека не ќе можеме да играме во елитата како порано, во салата во „Градскиот парк“ и дека, со оглед што во сезонава ќе требаше да бидеме домаќини на најмалку 18 натпревари, ќе требаше да потрошиме минимум околу 12.000 евра.

А, сведоци сме на најновата одлука на УО на МКФ, кој во текот на оваа недела овозможи, сепак, да во регуларниов дел од сезоната ќе може да се игра и во други сали (!), а не само во трите сали (“Борис Трајковски“, големата сала во “СРЦ Кале“ и “Јане Сандански“) кои отпрвин беа посочени како единствени сали каде што ќе може да се играат прволигашки натпревари.

Доколку знаевме дека ќе може да се игра и натаму во сали како што е “Градски парк“, која бесплатно ја користевме со години, благодарение на соработката со КК Работнички АД, нашиот клуб ќе ја почнеше сезонава во Првата лига и јубилејот од 25 години напролет ќе го прославевме како прволигаш.

А, сега, не играме, поради наш револт од односот на луѓето кои ја предводат МКФ, ниту во Втората машка сениорска лига.

Иако претходно објави дека котизацијата ќе може да се плати на две рати, МКФ подоцна побара истата да биде платена одеднаш, и тоа најдоцна до еден месец пред стартот на елитата!? 

Не можевме навремено да ја уплатиме котизацијата од 10.000 евра бидејќи проценивме дека парите за котизација кои, сепак, ќе ги обезбедевме од своите редови може да отидат во неповрат, со оглед на тоа што ќе немавме сала во која ќе игравме како домаќини.

Укажуваме дека, според нас, доволни се најмногу по околу 3.000 евра од клуб за котизација. Но, МКФ побара 10.000 евра! На што се трошат сите пари од котизацијата? Во МКФ има луѓе кои се скапо платени професионалци (со плати во илјадници евра), а аматерски ја водат Федерацијата.

Она што најмногу боли е неподносливата леснотија со која што МКФ се откажа од еден кошаркарски колектив кој сезонава требаше да прослави 25-годишен јубилеј. 

И не само тоа, сега може да биде доведено во прашање натамошното егзистирање на клубов кој откако е формиран секогаш ги почитува(л) прописите и работел на професионално ниво, со ентузијазам и посветеност на неговите тренери во работата со млади таленти.

Порано првата машка кошаркарска Лига беше најгледана во македонскиот спорт воопшто, но изминативе неколку сезони на сите натпревари заедно во било кое коло во текот на регуларниот дел од кошаркарската сезона има помалку гледачи отколку на пример само на еден ракометен натпревар.

И не само тоа. Пред 20-на години КФМ обезбедуваше спонзор на Првата Лига (“Мак-Партнер лига“) кој ги сносеше трошоците за службените лица на натпреварите. Зошто сегашново раководство на МКФ веќе четврта сезона нема најдено спонзор на Првата лига? 

На крај сакаме гласно да резимираме: од ова раководство на МКФ, во последниве повеќе од три години се изнаслушавме за казни, суспензии, котизации, одземање на пасоши, и.т.н., и.т.н. …

Она што не успеавме да го слушнеме е што тие направија позитивно за клубовите и за кошарката во целост?

Овие одговори ги должат на сите нас кои што сме ја создавале и ја создаваме кошарката, и секако на, спортската, а пред се, на кошаркарската јавност.

Спортски поздрав.

Управен одбор на КК Водњански лисици Скопје

(НАПОМЕНА: Соопштението е преземено и пренесено во целост, без измени или дополнувања.)