ПОЧЕТНА Избор на уредникот РАБОТНИЧКИ И МЗТ: Победници и(ли) губитници?

РАБОТНИЧКИ И МЗТ: Победници и(ли) губитници?

сподели

Двата наши најтрофејни колектива (најверојатно) останаа подзинати кога го слушнаа или видоа последното решение на раководството на јадранската кошаркарска лига. Велиме двата затоа што претпоставивме дека сакаа(т) следната сезона да бидат дел од едно силно натпреварување.

Имаше информации кои што беа во доменот на шпекулациите, кои што сигнализираа дека можеби и двете наши најсилни екипи ќе пливаат на „наше“ море. Но, Македонија нема да има претставник во елитата во регионот. Нашата кошарка се струполи уште подолу, по сртот на амбисот. Не е на дното, но тргнала натаму.

Како да ја вратиме?

Аплицирајте веднаш за

АБА лигата, на зелена маса, реши дека ние не заслужуваме да бидеме дел од првото друштво на екс-Jу кошаркарските клубови. Останува со 12 учесници, последниот оди во 2 лига, првиот од втората добива шанса со најдобрите. Сето ова во следните 7 години, без административни решенија.

Делумно, ова е нормално, затоа што МЗТ Скопје се здроби примајќи поени сезонава, без да постигнува и ја заврши годината со -369 на салдото. Последната позиција на табелата го одведе во АБА2, каде што најверојатно ќе игра и од каде што ќе се обиде повторно да се врати во првата дивизија.

фото: MZT Skopje Aeorodrom – Dragan Mitreski

Малку и не е нормално, бидејќи МЗТ е еден од основачите на АБА лигата и клуб кој што се истури давајќи пари во касата на фирмата што ја создаде АБА лигата, па можеби и требаше да се дозволи некаков попуст, уште оваа сезона.

Проблемот на МЗТ беше во кулоарите – пред време поверува дека ќе остане горе без разлика на пласманот и дека АБА ќе се шири на 14 екипи, па побрза да размислува на домашните предизвици незаинтересирано шетајќи се низ бившата Југа. Фрлени се во вода 5 сезони и „кујзнае“ колку пари.

Работнички ја пропушти својата прилика многу одамна, кога прв од македонските клубови доби покана и ја одби АБА лигата во 5 до 12 кога се веќе беше испланирано, дури и календарот за натпреварување. Ова е Балкан, тука се „памти“ се, особено ваквите „несериозни“ потези.

Со одлуката на АБА да се концентрира исклучиво на натпреварувачки карактер, без вајлд-карти и покани, центарци можат да ја сонуваат елитата. Може да се пријават за АБА2, нешто што не сакаа да го прават оваа сезона, а што ќе им беше од голема помош во одржувањето на формата за финишот на годината кога ќе се решава титулата.

Но, сега и тоа може да биде проблем. Тука е МЗТ Скопје кој што автоматски оди во понискиот ранг, тука е АВ Охрид кој што сезонава учествува во понискиот ранг, тука е Блокотехна со можни амбиции за АБА2, а да не ги заборавиме ниту Киуманово и Гостивар… Сега има гужва пред гол!

Кој победи?

Дури и во поразот, има победа.

Ако двете перјаници на македонската кошарка сфатат дека МОРА да создадат база на домашни играчи и да ги реинкарнираат школите кои што ќе работат на принцип селекција, а не 1.000-че од дете, сме победиле сите.

Ќе добиеме наш продукт, ќе почнеме од втората регионална лига и ќе се искачиме во првата. Во ситуација каква што е сега регионалната лига, Работнички и МЗТ за 3-4 години може да станат супер фактор и да се борат за врвот, за плеј-офот.

Екс-Ју кошарката никогаш не била полесна за играње, но ние тоа не го видовме пред 6 (МЗТ, кога почна да купува странци без да прави младинци) или повеќе (Работнички, кога го одби Роман Лисац) години.

Играњето по малите српски, хрватски, црногорски и босански градчиња, ќе значи многу за младите наши таленти кои што подоцна треба да играат во нашата репрезентација. Ако воопшшто некој и размислува на репрезентацијата.

Кој загуби?

Сите што не и мислеа и не и мислат добро на македонската кошарка.

Конечно ќе може да се ослободиме од привидното „мора да ангажираме странци затоа што нема домашни играчи“, од причина што веќе нема резултат што треба да се брка.

Кирил Николовски, Бојан Трајковски, Дарко Соколов и Дамјан Стојановски – репрезентативците на Македонија, во дресовите на Карпош Соколи и МЗТ Скопје Аеродром, на почетокот (1-во коло) на актуелната сезона.

Сега ќе си играме дома, меѓу себе, можеби и во АБА2 ќе имаме повеќе претставници, па таму ќе може да поставиме здрава основа за идните 6 или повеќе години.

Ако воопшто и има(ме) некаква визија…