ПОЧЕТНА Куп на РМ Работнички е неприкосновен и во Купот на Македонија

Работнички е неприкосновен и во Купот на Македонија

сподели

Најтрофејниот клуб во Македонија го крена 25-тиот пехар во домашната кошарка.

Со победата против Блокотехна со 85:71, Работнички и десетти пат го освои Купот на Македонија и повторно се одвои од МЗТ Скопје по бројот на трофеи во ова натпреварување.

Не изгледаше дека Работнички толку убедливо ќе дојде до победата во финалниот натпревар. Во првото полувреме гевгелискиот тим беше рамноправен, па и подобар противник бидејќи го имаше расположениот Фундербурк кој постигна 19 поени.

Куриозитет беше втората четвртина во која тимот на Докузовски, познат по својата гранитна одбрана, прими 30 поени, а Блокотехна замина на пауза со водство од четири поени разлика (49:45).

Но, Докузовски е премногу искусен за да не забележи од каде доаѓа најголемата опасност. Со почетокот на второто полувреме Работнички заигра цврсто во одбраната, почна да ги удвојува најдобрите играчи на Блокотехна, во нападот се разигра Чавдар Костов и многу брзо дојде до резултатски пресврт. Со кошот на Караџовски во последниот напад, тимот од Градски парк поведе и со осум поени разлика (65:57).

Драмата се врати накратко во последниот период кога Блокотехна по една серија од 4:0 намали на пет поени негатива, но тогаш на сцена стапи Караџовски со три врзани тројки и го откажа противникот.

Ова беше прв триумф во Купот на Македонија за Работнички по пауза од четири години. МЗТ Скопје остана на девет трофеи, а Блокотехна првпат во својата кратка историја забележа настап во финалниот меч.