ПОЧЕТНА Куп на РМ Пророштвото на еден тренер почнува да се остварува

Пророштвото на еден тренер почнува да се остварува

сподели
По четири години, Работнички и МЗТ Скопје повторно во борба за трофеј

Со длабока почит и наклон кон сите други клубови кои македонската кошарка ја прават поубава, нема поголемо задоволство од тоа кога за трофеите се борат Работнички и МЗТ Скопје.

Двата клуба со најголема традиција, најмногу успеси и најголема база на навивачи единствено знаат да го кренат адреналинот кај сите кои се занимаваат со кошарка или го сакаат овој спорт во земјава. Последен пат во дуел за трофеј беа во 2014 година во плеј-офот од македонското првенство и тогаш МЗТ Скопје победи со 3-1 за третата шампионска титула во низа.

Претходно, во 2011 година Работнички триумфираше во финалето од Купот на Македонија за својот осми трофеј во ова натпреварување.

Александар Тодоров имаше визија која почнува да се остварува
Аплицирајте веднаш за

Ако се земат предвид сите фактори, може во следните години да се очекува големото ривалство повторно да се врати, нешто слично како во 90. години на минатиот век. Всушност, тоа не е наша констатација, туку на поранешниот тренер на МЗТ Скопје, Александар Тодоров кој такво нешто „претскажа“ на два дена пред своето заминување од Аеродром.

„Јас ги почитувам сите клубови во Македонија, не ги делам на големи и мали, но Работнички и МЗТ Скопје „ја прават“ кошарката во земјава.

Од оваа гледна точка, можам да кажам дека во следните четири сезони овие два клуба ќе се борат за трофеите во македонската кошарка”, изјави Тодоров за basketball.mk на 4 декември 2017 година.

Пред две децении МЗТ Скопје и Работнички беа „главни“, почнува ли нивна нова ера?

Пророштвото почнува да се остварува. Работнички и МЗТ Скопје ќе се борат за 26. трофеј во Купот на Македонија. Тимот од Градски парк може да стане првиот кој дошол до “десетката”, а МЗТ Скопје конечно да се израмни со својот голем ривал.