ПОЧЕТНА Други репрезентации Преминав преку сите закани и омаловажувања за да создадам селекција за почит

Преминав преку сите закани и омаловажувања за да создадам селекција за почит

сподели
фото: FIBA

Долго време чекавме една македонска репрезентација да блесне и да оствари успех на големите натпреварувања.

Практично, од 2011 година и она фамозно четврто место на Европското сениорско првенство во Литванија. Кога станува збор за младинските селекции, паузата е уште подолга, од 2006 година, генерацијата на браќата Стојановски, Бојан Трајковски, Предраг Самарџиски, Дарко Соколов, Александар Костоски… која беше втора на Б-првенството во Португалија.

Аплицирајте веднаш за

Кадетската репрезентација на Македонија го освои третото место на Б-шампионот во Сараево и обезбеди учество во А-дивизијата за своите наследници кои идната година ќе бидат кадети.

Некои ќе речат дека се радуваме на успех во „Втора лига“, но по многуте дебакли претходните години, ова е резултат кој ја враќа вербата во македонската кошарка. Особено поради тоа што се работи за генерација (2002 година) која работи под посебна програма и е дел од еден долгорочен проект.

Селекторот на репрезентацијата Александар Јованчев за basketball.mk открива како почна и трае целата приказна која веќе донесе медал, а се очекува кулминацијата да ја доживее во сениорска конкуренција.

„Реализацијата на овој проект почна во јануари 2016 година. Спроведувањето на сите активности се изведуваше под контрола на Заре Марковски, кој заедно со сегашниот координатор Бране Андриевски создадоа план како да се изведе селективниот процес.

Кошаркарска Македонија беше поделена на 4 центри: Струмица, Битола, Скопје 1 и Скопје 2 каде што се одржа по еден селективен тренинг. Во целокупниот процес според моите податоци биле разгледани 120 потенцијални репрезентативци родени 2002 година. Интересно е да се напомене дека паралелно со селективниот процес за генерацијата 2002, се одвиваше селективен процес за генерацијата 2001, кои се менуваа преку еден викенд.

За сето ова да функционира, во текот на јануари, февруари и март 2016 беа ангажирани 12 тренери односно по тројца на една група. Четирите групи подоцна беа префрлени во Скопје, а секоја група броеше 15 до 18 играчи. Во моментот кога беше објавен списокот на 12 тренери кои ќе бидат дел од селективниот процес, претпоставував дека во тие неколку недели ќе биде оценета и нашата работа.

Искрено, вечерта пред да станам дел од процесот не спиев и се сеќавам дека напишав и искинав многу листови обидувајќи се да направам што е можно подобар тренинг кој ќе биде и дидактички и методски и по содржина доволно добар.

Веројатно мојата ангажираност, знаења и начинот на спроведување на тренингот бил препознат од претпоставените. Во март 2016 и јас и мојот асистент Мартин Атанасовски бевме за првпат поставени како тренери на една репрезентација. Тоа беше селекцијата на играчи родени 2001 година која учествуваше на турнир во Милано.

Со нас беше и сегашниот координатор кој веројатно требаше да го следи и оцени нашето однесување, знаења и умеења за време на натпреварите. Мислам дека тука, условно кажано, го положивме испитот бидејќи одигравме одличен турнир на кој што го освоивме третото место. Ја добивме довербата на нас да ни биде доделен вака голем и значаен проект со генерацијата 2002 насловен како ’Заедно до 16 години’.“

Но, тоа беше само почеток на проектот. Процесот на селектирање продолжи и во следните месеци.

„Во јуни 2016 бев директно инволвиран во селективниот процес на играчи кои требаше да учествуваат на националниот камп во Маврово. Од 120 момчиња, беа избрани 60 кои во текот на тие 7 дена беа разгледувани и оценувани.

Практично, овој камп го искористивме за да избереме 16 играчи кои ќе бидат дел од 15-дневни подготовки за учество на неофицијалното Европско првенство до 14 год – СЛОВЕНИЈА БОЛ.

Резултатите на ова натпреварување беа одлични споредбено со претходните години. Но, ние не ги избришавме останатите играчи, напротив 30 од нив во септември 2016 учествуваа на меѓународен камп во Костанца, Романија заедно со другите земји учеснички во проектот (Романија, Косово, Бугарија).

Подоцна, како дел од проектот, во текот на останатите две години имавме постојани собири (национален камп Маврово 2017, интернационален камп Ботевград 2017) и одигравме 7 меѓународни турнири на кои до пред Европското првенство остваривме 19 победи и 6 порази.“

Во овој период имаше многу критики за начинот на селекција, односно тоа дека не играат најдобрите кошаркари во своите генерации. Кои, всушност, беа критериумите за влез во репрезентацијата?

„Селектирањето на оваа возраст од 14 до 16 години е многу тешко, но затоа процесот траеше 2,5 години. Мојата идеја беше дека не можеме да се задржиме само на оние играчи од почетокот кои се перспективни бидејќи истите во моментот немаше да донесат некаков резултат врз основа на кој подоцна имав идеја да креирам позитивна, „победничка“ атмосфера.

Подоцна требаше да дојдеме до тоа кој МОЖЕ да игра кошарка, а не кој САКА да игра кошарка. Така, во процесот од две години извршив некоја филтрација како да дојдеме до најдоброто, а сепак да одржиме позитивна атмосфера.

Освен кошаркарски потенцијал и талент, оценети беа и однесувањето на репрезентативците на и вон теренот, следени и забележани беа нивните реакции во секој момент при влегување или излегување од игра, способноста да предизвикаат позитивни реакции кај останатите или спротивно, ангажираноста, желбата и почитувањето кон националниот дрес.

Сите забележани работи ги потенциравме и со сите разговаравме посочувајќи во кој правец треба да се корегираат играчки или карактерно заради тоа што, сепак, станува збор за деца, а ние сме важен дел од нивната едукација.

Меѓутоа, нормално, не можеме кај сите да имаме исто влијание колку и да се обидуваме. Тука некаде произлезе и онаа моја реченица дека на крајот, можеби нема да ги изберам најдобрите 12 играчи туку 12 карактери кои најдобро ќе функционираат заедно“.

Малкумина, односно само тие од најблиското опкружување и соработниците, знаат со какви проблеми и опструкции се сретнавте во текот на овој процес…

„Едноставно ние имаме таков менталитет, секогаш знаеме се подобро од тој што треба да знае. Најчесто реакциите се од луѓе или незадоволни родители зошто нивното дете не е во репрезентација.

Таквите реакции и не се толку страшни кога доаѓаат од луѓе кои никогаш не се занимавале со овој спорт или воопшто со спорт, пострашно е кога реагираат луѓе кои се со години во кошарката, но очигледно некои свои неостварени амбиции сакаат да ги остварат преку децата.

Кога ќе ги одбиете луѓето за некоја непристојна понуда не можат да веруваат, па на крај ќе ја завртат приказната онака како нив им одговара. Јас цврсто застанав на ставот дека и оние деца со, условно кажано, „помалку“ важни родители треба да добијат еднаква шанса.

Во овој процес сигурно остварив 15 нови непријателства исполнети со индиректни закани, јавни омаловажувања, потребни и непотребни критики, како и искористување на јавни функции за оцрнување на мојот лик…

Но, ниту еднаш не помислив да се откажам, напротив, благодарен сум им бидејќи само ми помогнаа да работам што е можно поправилно и да создадам репрезентација за респект која, ете, оствари и одличен резултат“.

Кога со вашите избраници и стручниот штаб сфативте дека можете до медал на Европското првенство?

„Пред шампионатот одигравме 7 натпревари во текот на 40-дневните подготовки. Игравме добро, забележавме 6 победи и еден пораз, но сликата се уште беше матна, особено затоа што тешко можевме да стигнеме до видео материјал од некоја од репрезентациите.

фото: FIBA

Отворањето на првенството беше тешко, доживеавме тежок пораз од Русија во последните 24 секунди. Бев сигурен дека ако успееме брзо да го надминеме тој неуспех и на вториот натпревар одграме добро, имаме шанса да стигнеме далеку. Веќе немавме право на пораз и победите до полуфинале ни беа единствена опција бидејќи знаевме дека ќе добиеме 2 шанси за А дивизија.

Кога ги остваривме четирите победи во низа во групната фаза, веќе почнавме да размислуваме дека можеме да одиме и до медал“.

Очигледно „генерацијата 2002“ поседува огромен потенцијал, но многу лесно може да се случи да биде жртва на своите претходници, односно постојано да игра во Б-дивизија, а со тоа и резултатите што (ќе) ги постигнува да не бидат соодветно респектирани во јавноста.

„Не мора да значи дека ќе биде така, можеби идното лето селекцијата до 18 години ќе направи позитивен резултат, па овие момчиња ќе имаат можност да играат во елитата.

Тоа и не е толку битно во моментов, многу поважно е да продолжиме да работиме, па од овие генерации 2002, 2003, 2004… кои во моментов се дел од проектот, да создадеме добра А селекција за 5-6 години од сега.

Нема да биде едноставно, за ова е потребно многу труд, средства, услови…, но јас сум длабоко убеден дека тоа е единствениот пат.“

Завршен ли е процесот на селектирање на кошаркарите во оваа репрезентација, односно дали на нив ќе се базира тимот во иднина?

„Јас неколку пати потенцирав дека во оваа генерација има неколку играчи кои што поседуваат потенцијал, но не беа дел од составот за ова Европско првенство. Некои од нив доцнат со физичкиот раст, некои имаат проблем со недоволна обученост, некои „сами“ се откажаа непочитувајќи ги строгите правила кои ги наметнавме во однос на тренажниот процес летово…

Како и да е, тие се на радарот на стручниот штаб и дел од нив сигурно ќе бидат повикани на првиот нареден собир. Многу е важно за сите, па и за овие кои што беа дел од репрезентацијата да продолжат да работат секојдневно како би ги усовршиле или корегирале веќе постоечките елементи.

Сигурно дека овој состав на 18-годишна возраст ќе претрпи некои измени, тогаш ќе добиеме и подобра слика за тоа кој ќе може да влезе во професионалните води на овој спорт. дотогаш ни останува само да работиме“.