ПОЧЕТНА Колумни Предавникот, кумот, административецот и познавачот на кошарката – Коби Брајант

Предавникот, кумот, административецот и познавачот на кошарката – Коби Брајант

сподели

Секогаш кога некое од големите спортски имиња ќе направи или ќе каже нешто, јавноста е тука да реагира на делото или на изјавата. Судот на публиката е сосема нормална појава, во животот на оние што немаат мир, каде и да се појават.

Последните контроверзии околу последната ѕвезда на Лејкерс, се поврзани со вечниот ривал Бостон, со неговото евентуално враќање на некаква канцелариска позиција во франшизата и со неговите сфаќања за кошарката.

За предавството

Аплицирајте веднаш за

Дел од симпатизерите на екипата во која што ја помина целата кариера, неодамна го осудија Коби Брајант за помошта што му ја пружа на најголемиот непријател во историјата. Брајант и Ајзеа Томас редовно комуницираат, по водството на Булс од 2:0 во плеј-оф серијата во првото коло, сезонава.

Томас побарал помош од Коби, а игра во Бостон. Коби му помогнал на Томас со неколку совети, имале неколку заеднички видео конференцски повици, потоа Селтикс ги совладаа Булс со 4:2. На оние што го познаваат или што слушнале нешто за антагонизмот меѓу Селтикс и Лејкерс, јасно им е зошто Коби е „жигосан“.

„Ми беше драго да му помогнам. Му требаше помош, ми се јави. Имаше храброст да крене слушалка. Јас го сторив истото со Мајкл Џордан, кога бев млад кошаркар. Тука сум за оние кои што сакаат да го слушнат мојот збор. Во моментов сум отворена книга за сите.“ – изјави Коби на оваа тема. Патем, тој додаде дека редовно комуницира со Кајри Ирвинг, Џејмс Харден, Расел Вестбрук и Гордон Хејвард.

За прекарот

Како што е обичајот, повозрасните и поискусните спортисти или пензионерите, многу често знаат да ги „прекрстат“ своите помлади колеги, да им додадат име на постоечкото, кое што потоа преоѓа во синоним за нив.

Во случајов, Коби Брајант кој што за време на НБА кариерата беше познат под прекарот Црна Мамба, на твитер го круниса Ајзеа Томас со надимакот Мајти Ај-Ти (Mighty IT), земајќи ги в предвид неговите раст и големина, алудирајќи на популарниот лик од цртаните, Моќниот Глушец (Mighty Mouse).

За администрацијата

Стариот пријател на Коби и долги години негов агент, Роб Пелинка, неодамна беше назначен за генерален менаџер на Лејкерс. Новиот претседател на Лејкерс, Меџик Џонсон, не ја крие желбата да го врати Коби Брајант во просториите на франшизата, во административна улога во фронт офисот.

Брајант вели дека ужива и без кошарката, дека воопшто не му недостасува. Колку тоа е вистина, проценете сами. Дали со следнава изјава сака да си обезбеди значајна улога, или едноставно навистина му е преку глава од се:

„Пелинка ми е сосед, тој е кум на моите деца, ако му требам тука сум. Но, што се однесува до позиција на официјално ниво, во редовите на Лејкерс, не сум сигурен што би значело тоа и како тоа би изгледало.“

За кошарката

Љубителите на кошарката претчувствуваат дека последната битка за титулата сезонава, ќе биде реприза на претходните две.

Ако се случи, тогаш тоа ќе биде прв случај во историјата на НБА лигата, две исти екипи да се соочат во три последователни финалиња. Тоа е лошо за кошарката, кажа некој.

„Зошто е тоа лошо за кошарката? Затоа што сите однапред знаеме дека во финалето ќе играат Кливленд и Голден Стејт? Јас на пример знам дека ќе се разбудам наутро и воопшто не ми пречи, што го знам тој податок. “ – рече Коби Брајант.