ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Прв честита матичниот клуб: Антиќ е нашата гордост!

Прв честита матичниот клуб: Антиќ е нашата гордост!

сподели

Клубот во кој што се роди новиот претседател на КФСМ, упати честитки до новоизбраниот лидер на македонската кошарка, му посака успешна работа и е уверен во нови позитивни ветришта за нашата кошарка.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

„Работнички му ја честита на Перо Антиќ функцијата претседател на КФСМ и му пожелува многу успех во извршување на своите задачи. Силно веруваме во програмата што тој ја понуди и дека на чело со него, ќе добиеме сите, клубовите, репрезентацијата и кошарката воопшто.

Неговите решенија ветуваат развој и издигнување на македонската кошарка на нивото кое го заслужува овој спорт. Освен прогресивните идеи кои ги има нашата спортска икона, уверени сме дека тој, како прв човек на македонската кошаркарска куќа ќе спроведе нормализирање на односите во клубската кошарка и позиционирање на репрезентативната кошарка во високите европски кошаркарски елити.

Со надеж за успешна соработка, уште еднаш го поздравуваме изборот на Перо Антиќ за претседател на КФСМ и ја користиме оваа прилика да истакнеме дека сме особено горди што тој доаѓа од нашите редови односно од школата на Работнички, а бидејќи ги минал сите фази во кошаркарското растење, цврсто сме убедени дека ќе даде максимален придонес за развој на младинските лиги и неговите кошаркарски успеси ќе бидат инспирација за многу млади да почнат да се дружат со баскетот“, се вели во соопштението на тимот од „Градски парк“.