ПОЧЕТНА Тренинг Првата физиотерапевтска помош на спортските терени е најважна

Првата физиотерапевтска помош на спортските терени е најважна

сподели

Физиотерапевтите се најблиските соработници на сите спортски работници. Тие понекогаш се и единствените медицински лица на спортските терени и први реагираат при настанувањето на повредите.

Во текот на подготовките, тренинзите и натпреварите се појавуваат различни видови на спортски повреди. Не постои зглоб кај спортистите, кој не може да биде повреден на спортските терени. Сите спортски клубови би требало да имаат најмалку по еден едуциран физиотерапевт, кој со помош на специјални физиотерапевтски техники и методи, ги превенира или ги санира евентуалните спортски повреди.

Советите од физиотерапевтот кој работи на спортски терени се многу важни за спортистите и за тренери во клубовите. Потребно е спортистите навремено да ги пријавуваат своите повреди, затоа што секој несериозен пристап кон каков било тип на повреда само ги оддалечува спортистите од терените за подолг временски период.

Во задачите на физиотерапевтот за превенција од евентуални спортски повреди, влегуваат вежби и масажи за истегнување и загревање на мускулите пред тренинг или натпревар, бандажирање на зглобови како и масажи и посебни техники за брзо опоравување по напорен тренинг или натпревар.

Првата физиотерапевтска помош на спортските терени е најважна. Тоа е добро познатиот RICE метод (rest – одмор, ice – мраз, compression – компресија, elevation – елевација).

Ладните облоги се аплицираат веднаш по настанувањето на повредата со цел преку ефектот на вазоконстрикција на крвните садови, да се намали воспалението на локалното ткиво и да се намали настанатата болка.

Веднаш потоа треба да се направи соодветна компресија со еластичен завој и да се остави повредениот екстремитет во елевирана положба.

Доколку се работи за посериозна повреда, се прават консултации со ортопед или трауматолог и заедно со физиотерапевтот, се поставува натамошниот евентуален тек на рехабилитацијата на повредата.

Виктор Ѓорѓески
Физиотерапевт, КК Гостивар

Користена литература:

Блаже Арсов
www.mfz.mk
Www.fizioterapevti.mk