ПОЧЕТНА Во позадина ПРАШУВАМЕ: Зошто проблемите се насочуваат во насока на нетрпение на политичка или...

ПРАШУВАМЕ: Зошто проблемите се насочуваат во насока на нетрпение на политичка или национална основа?

сподели
Насловната фотографија е од архивата на нашиот портал, избрана е по случаен избор и симболизира нетрпение, односно не ги става во контекст овој текст со локацијата каде што е сликана или со настанот на кој што е сликана.

Екипата на Лирија 77, која што беше казнета согласно статутот на МКФ, излезе во јавноста со соопштение (на албански јазик, па користевме он-лајн алатка преведувач да ја доловиме суштината) во кое што вели, ако добро сме разбрале, дека МКФ води антиалбанска политика. Според тоа, Лирија 77 немало да учествува во натпреварите под капата на МКФ, додека на чело на МКФ е актуелниот претседател, Петар Наумоски.

Како докази за антиалбанската политика, се наведува дека немало вработени Албанци во МКФ и немало Албанци делегати и судии. А не се наведува дали има соодветен кадар за овие позиции, кој што е од албанско потекло и зошто мора да има Албанци во МКФ или судии и делегати кои што се со албанско потекло, по секоја цена? Зошто?

Не се наведува дека од петни жили се бараше решение КК Шкупи да игра во Прва лига и дека потпретседателот на МКФ е Албанец и е претседател на КК Шкупи. Односно, можеби сега овие две функции се и минато, затоа што беше најавено негово заминување од Македонија поради професионални и семејни обврски.

Лимак Куп 2017, Кавадарци (фото: mkf.mk).
Аплицирајте веднаш за

И зошто никогаш не се вели „Македонци со абланско потекло“, туку секогаш се посочува Албанци? На „Македонци со албанско потекло“ се мисли на државјани на Република Македонија кои што имаат албанско потекло, кое што потекло никогаш и никој нормален не би требало да им го оспори на луѓето што се чувствуваат така или што имаат такво потекло.

Зошто на натпреварите на овие екипи, спикерот чита само на албански јазик и се слуша само албанска музика, а многу ретко го има македонското знаме, кое што е официјално на оваа држава во која што живееме сите, истакнато на јарболите?

Седат Мехмети ги доделува медалите за второто место на МЗТ Скопје, на крајот на финалната серија минатата сезона (фото: shekulli.mk).

Зошто на дресовите на овие екипи пишува КБ, односно на латиница KB (што на албански значи кошаркарски клуб), наместо КК што значи кошаркарски клуб, а официјалното писмо во Македонија е кирилично. Или тоа воопшто не е битно?

Зошто на официјалните социјални медиуми или сајтови на овие екипи, се пишува само на албански јазик, многу ретко или никогаш на македонски јазик што е официјалниот јазик на оваа држава?

фото: КК Лирија

И во минатото, кога се случуваа инциденти на мечевите што ги организираа екипите кои што се прокламираат како албански, соопштенијата беа во истиот контекст. Проблемот лежи на друга страна, а некој сака да го насочи на национална основа, затоа што така полесно може да стигне до целта, во нашево секојдневие.

Проблемот лежи, по наше видување, во организацијата и поставеноста на екипите, на сите, не само на оние што сакаат да се нарекуваат албански, а не знаеме зошто сакаат да се нарекуваат албански, кога во нив играат и играчи по потекло Македонци, а сите живееме во една држава.

Во Гостивар, се игра одлична кошарка. Инвестицијата се троши домаќински. Се чека ред за билет за мечевите на КК Гостивар и се плаќаат билетите, што е реткост во Македонија. Тоа е екипа каде што играат Македонци и Албанци, во чија што управа има Македонци и Албанци, клуб во кој што поделби не постојат!

Зошто другите пак, сакаат да се прокламираат како вмровски или сдсмовски клубови, што е ретардираност до бескрај во двата случаја, во модерното време кога луѓето полека ќе почнат да се селат на други планети, а ние сме заглавени во средовековни или праисториски поделби на ненормални основи за ова доба?

Секогаш, кога на некоја екипа не и одат нештата во прилог, истата се повикува на политика (ВМРО или СДСМ) или на национализам (Албанци и Македонци). Зошто никогаш тие екипи не поаѓаат самокритично, од себе, не се прашаат колку вложиле и што вложиле, односно колку може да очекуваат резултатски и финансиски како поврат, односно фидбек?

Блокотехна е пример на соодветно потрошен приватен капитал, екипата е лидер во македонскиот шампионат и не им се плаши на Работнички и на МЗТ, туку се справува со нив на најдобар можен начин – ги победува! КК Блокотехна, на меч со МЗТ Скопје во Аеродром.

Ако не знаат како треба да се организира и да се постави една кошаркарска екипа, тогаш треба да направат соодветна програма, да ангажираат стручњаци на сите позиции во еден клуб, да ја изнесат таа програма пред потенцијалните спонзори и потоа правилно да ги распоредат средствата што би ги добиле.

Не постои фирма, или држава во која што спонзорите не би инвестирале, ако знаат каде и како се трошат нивните пари, особено силните компании кои што честопати на крајот на годината остануваат со позитива во буџетите предвидени за рекламирање и спонзорирање, затоа што нема здрави пректи во кои што вреди да се инвестира.

И, на крајот, да ги претркаме сите кои што ќе коментираат на социјалните медиуми дека сме медиум мајка за едни, а маќеа за други. Доказ дека редовно го следиме КК Шкупи, со соопштенија и со резултати и со настани, е следнава галерија:

Basketball.mk со задоволство информира за сите резултати и успеси на КК Шкупи, или КБ Шкупи, особено бевме импресионирани кога беше соопштено дека овој клуб требаше да игра во БИБЛ лигата. Basketball.mk со задоволство би информирал за сите резултати и на Лирија 77 и на сите останати екипи од сите населби или градови каде што има мнозинство Албанци.

Бевме посочени и дека не сме информирале за некој настан кога на второлигашки натпревар во Македонија, на играч на некоја албанска екипа му бил удрен бокс во Велес, но тоа било само затоа што не сме постоеле тогаш (постоиме една цела сезона, оваа ни е втора) или никој не не информирал за тој настан.

Ние не ги делиме луѓето, ние ја сакаме кошарката. Овој текст е само во тој контекст, да се надминат поделбите и да се сака спортот.

Додека големите (во срцата и во сфаќањата) уживаат, ние се делиме и се тепаме.

На последниот Фајнал фор турнир во Белград, допатуваа милион Турци да го бодрат Фенербахче. Среде Белград, а немаше никаков проблем. Србин (Богдановиќ) и Македонец (Антиќ) беа главните актери на филмот на Евролига за тој турнир и тие двајца ја бодреа турската екипа, каде што настапуваа. А, се сеќавате на лекциите за Косовска битка? Или на оние за 500-тини години турско ропство?

Од однесувањето на големите спортисти треба да научиме, дека времињата се менуваат и идните генерации не смеат да ги носат и да ги истакнуваат товарот и бремето на претходните генерации, ако сакаат прогрес. Да заборавиме на поделбите и меѓусебните тепачки, кои што прераснуваат во војни, да живееме заедно и да го славиме спортот.

Ние мислиме така, а вие, како сакате. Никој не ви го одзема правото на лична мисла… Но, мислете малку и на оние околу вас, или на идните генерации…