ПОЧЕТНА А Репрезентација Почнува „Трофеј Македонија“

Почнува „Трофеј Македонија“

сподели
Против Косово и Естонија не ни требаат празни трибини

Турнирот што е главната домашна сцена на која што нашата А репрезентација „комуницира“ со домашната публика, стартува со натпреварот против Португалија, од 20:30 часот. Првиот натпревар на Трофејот ќе го одиграат нашите следни два противника, БиХ и Холандија (18:00).

Иако нема компетитивно значење и резултатите се во втор план, сепак овој наш традиционален турнир е финалната проверка на формата на репрезентацијата, по одработените подготовки за претстојните претквалификации.

Резултатот повторно не е во преден план – Јорданчо Давитков

„Нема да ризикуваме, овие натпревари се подготвителни, даваме и ќе даваме се од себе на секој натпревар, но ќе играме да видиме до каде сме во формата, а вистинското од нас ќе го покажеме во претквалификациите.“ – рече селекторот Давитков.

По натпреварот со Португалија, следуваат мечевите со Холандија и со БиХ. Ќе имаме уште една контрола, на 28-ми против Бугарија, но домашниот паркет треба да биде предизвик за избраниците на Јорданчо Давитков, да го покажат најдоброто од себе во моментов и да ја вратат публиката на трибините.

Формата се темпира одлично – Војдан Стојановски

„До сега формата е во ред, одиме во нагорна линија, комуницираме повеќе во одбраната, нападот не оди течно но тоа е нормално во ваквиот период по трчањето во Маврово. На „Трофеј Македонија“ сакаме да се претставиме во што подобро издание пред домашната публика, иако врвот на формата го очекуваме во претквалификациите.“ – рече Војдан Стојановски.

Во моментов, македонската репрезентација е во преодна фаза (која што трае неколку години поради дефицитот на „гориво“ од младинските погони), ростерот е составен од измешани генерации и емоции. Дел од репрезентативците ја почувствуваа сласта на победите и на славата, другите би сакале да ја почувствуваат.

Целта на сите во селекцијата е една и заедничка, а тоа е пласман на Македонија во квалификациите. Таму со помош на Перо Антиќ кој што најави дека тогаш ќе го облече националниот дрес, да се обидеме да одиграме за место на следниот мундијал, во Кина 2019-та година.