ПОЧЕТНА АБА Почнува завршниот спринт на МЗТ Скопје кон јадранската елита

Почнува завршниот спринт на МЗТ Скопје кон јадранската елита

сподели
фото: МЗТ Скопје

Македонскиот вицешампион ја оствари првата цел за оваа сезона – пласман во плеј-офот за враќање во АБА лигата.

Во основниот дел од вториот степен во ова натпреварување го освои третото место и во полуфиналето ќе се сретне со босанскиот претставник Спарс. Првиот натпревар се игра во Сараево, вториот на 24 март во Скопје и евентуалната мајсторка повторно во босанската престолнина на 28 март.

Евентуално учество во финалната серија од АБА 2 на МЗТ Скопје ќе му обезбеди најмалку бараж со Задар, но желбата на сите во тимот е се да заврши колку е можно побрзо. Нашата екипа ќе има пеколен распоред во следните десетина дена, можно е во овој период да одигра шест натпревари и во меѓувреме два пати да отпатува до
Сараево.

Ако се оди уште подалеку, до 14 април таа бројка може да порасне на 16 натпревари што е премногу за толку кратко време.

фото: Spars, Damir Hodzic

Но, МЗТ Скопје цела сезона се подготвуваше за ова и не планира да потклекне кога е најпотребно. Во основниот дел од АБА 2, аеродромци два пати го совладаа Спарс што е потврда дека имаат свои адути во оваа серија иако тренерот Ѓорѓи Кочов смета дека овие дуели ќе бидат нешто сосема друго

„Нѐ очекува натпревар против екипа која добро ја познаваме и која ја респектираме. Спарс со досега прикажаното е заслужено во плејофот во лигата која оваа сезона беше навистина составена од квалитетни и изедначни тимови.

Победите над овој ривал во регуларниот дел не значат нишо, бидејќи влогот сега е многу поголем. Среќни сме што се најдовме во доигрувањето, но сигурно дека ќе бидеме уште посреќни ако успееме да се пласираме во големото финале.

Верувам дека моите играчи ќе влезат подготвени на овој меч на гостински терен, каде што Спарс беше скоро непобедлив во изминатиов период. Зад нас се девет месеци вложен труд и пожртвуваност, кои нѐ донесоа во плејоф-фазата. Двапати го победивме Спарс, а игравме два изедначени меча со Приморска.

Но, сега е нешто друго, претстојат дуели во кои нема поправен, бараат многу концентрација, паметна игра и смирена рака. Се надевам дека играчите ќе дадат максимум и ќе се вратиме со победа во Скопје“, изјави Кочов.

Андреј Маслинко нема да биде на располагање во оваа серија, но се очекува враќањето на Љубомир Младеновски кој треба да му биде помош на Предраг Самариџки под кошевите.