ПОЧЕТНА Колумни Почина архитектот на легендарната шампионска екипа на Чикаго Булс

Почина архитектот на легендарната шампионска екипа на Чикаго Булс

сподели

Џери Краус почина на местото на кое што се роди пред 77 години, каде што освои 6 прстени со екипата од родниот град и каде што два пати беше крунисуван за извршен менаџер на годината во НБА лигата. Имало и ќе има шампионски екипи преку Океанот, но никогаш никој ги немал, ниту некогаш ќе ги има, харизмата и славата на династијата што ја создаде Краус.

Откако ја презеде главната оперативна функција на франшизата Булс во 1985-та година, Џери Краус ги спои неповторливите, вистинскиот крал на кошарката Мајкл Џордан (трет пик на драфтот 1984) и најнеконвенционалниот тренер во историјата Фил Џексон.

Аплицирајте веднаш за

Екипата беше подредена на потребите на неговото височество. Со него играше најдобриот дефанзивец што некогаш се појавил, Скоти Пипен, за кого Краус добро се намачи во комбинациите со трејдовите во 1987-та година. Воедно, беше драфтуван и Хорас Грант. Чарлс Оукли беше жртвуван за Бил Картрајт во 1988-та, на центарската позиција. Тоа беа имињата што беа ‘рбетот, на првиот шампионски трилинг (1991-93).

Откако Мајкл Џордан мистериозно се пензионира во 1993-та, по неговото враќање две години подоцна, вакуум период што го искористи Хјустон за двојна круна, Краус повторно имаше полни раце работа. Беше доведен најдобриот бек-дефанзивец и стабилен плејмејкер Рон Харпер, а на местото на слободниот агент кој што си замина, Хорас Грант, беше доведен ексцентричниот Денис Родман.

Кога останатите НБА екипи и менаџери гледаа накај Стариот континент со потсмев, Краус се реши за „бела инјекција“. Го ангажира популарниот Пинк Пантер, Тони Кукоч, кој што беше несопирлив со Југопластика и за кого европските терени беа претесни. На ненадминатото менаџерско чувство за „добар“ кошаркар, Хрватот му врати на Краус на најдобриот можен начин. Заедно со споменатите погоре, беше клучниот елемент во вториот шампионски трилинг, во периодот меѓу 1996-та и 1998-та година.

Но, не беше се така розово во приказната за „црвените бикови“, чие што победничко стампедо вечно ќе одекнува. Џексон и Краус се скараа, тренерот си замина по завршувањето на последната шампионска сезона. Пипен беше трејдуван во Хјустон, Џордан по втор пат се пензионира. Никогаш повеќе, Булс не остварија повеќе од 30 победи во една сезона, под палката на Џери Краус, се до неговото пензионирање во 2003-та.

Интересно е што Краус, пред преземањето на главната оперативна функција во редовите на Чикаго Булс, беше скаут за неколку НБА екипи, а воедно и за бејзбол екипата од Чикаго, Вајт Сокс, чиј што сопственик Џери Рејнсдорф, беше „газда“ и на Булс. Годинава, Џери Краус беше финалист во изборот за место во Куќата на славните, како личност што особено придонела за развојот на кошарката.