ПОЧЕТНА Некатегоризирана Постот продолжува, Олимпија го „разнесе“ МЗТ Скопје за едно полувреме

Постот продолжува, Олимпија го „разнесе“ МЗТ Скопје за едно полувреме

сподели
фото: MZT Skopje Aeorodrom - Dragan Mitreski

И во деветтиот натпревар во низа, МЗТ Скопје не успеа да ја прекине губитничката серија во АБА лигата. Олимпија го обезбеди опстанок во “Јане Сандански” совладувајќи го нашиот шампион со 96:55.

Сега останува уште Цибона како единствена надеж за некаков опстанок иако никој во МЗТ Скопје не верува во такво сценарио бидејќи хрватскиот тим треба да ги загуби сите натпревари, а нашиот да ги победи Будуќност, Цедевита и Морнар во последните три кола. Триумф на Цибона против Загреб ќе значи дефинитивен крај за МЗТ Скопје.

Без разлика на се, неверојатно е она што се случуваше во Аеродром. МЗТ Скопје водеше по првото полувреме со 39:37, за второто да го загуби со 16:59. Ни највозрасните навивачи на клубот сигурно не паметат полошо полувреме на МЗТ Скопје без разлика дали се работи за домашното првенство, Купот или некое меѓународно натпреварување.

Само во третата четвртина МЗТ Скопје постигна мизерни пет поени.

Олимпија го почна победничкиот поход со серија од 15:0 на средината од третиот период за нешто подоцна да постигне 23 поени во низа и да поведе со 80:44. Кошаркарите на Жељко Лукајиќ тука застанаа и само чекаа да дојде крајот.

Бојан Трајковски беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје со 12 поени, а Оливер ја предводеше Олимпија со 16.