ПОЧЕТНА Избор на уредникот Плачат најголемите, ќе почнеме да плачеме сите

Плачат најголемите, ќе почнеме да плачеме сите

сподели

Работнички и МЗТ Скопје Аеродром, двете најтрофејни екипи во Македонија, испратија соопштенија во јавноста во кои што ги споменуваат големите казни за нередите што се случуваат во нивните сали и на нивните натпревари.

Според синонимите за македонската кошарка, основни двигатели на овој спорт кај нас, двата македонски пилара на најубавата игра меѓу сите спортови – МВР е причината поради која што тие не можат да застанат на нозе и МВР им ги одлева тешко најдените пари од буџетите.

Факт е дека на дуелите – што ги организираат овие две екипи, или каде што се тие присутни, особено заедно како што тоа е пример само во Купот на Македонија, затоа што уште долго, а можеби и никогаш нема да ги видиме гради-в-гради на европската сцена – има најмногу инциденти.

Нередите и инцидентите се случуваат на трибините, на паркетите, пред салите, по натпреварите, во слободните денови, за време на празниците … Секогаш кога има нешто спектакуларно во Македонија, а не е поврзано со кошарката, инволвирани се Работнички и МЗТ Скопје.

Толку ли не се научија дека им се случуваат бељи, или пак толку ли не можат да апсолвираат како треба да се организира еден натпревар? Толку ли не се кадарни да направат сегрегација на публиката и да воведат мир во своите сали, а потоа и да влијаат на навивачите да не прават зулуми на гостински терен?

Останува нејасно како е можно – во спортска сала да се внесуваат стаклени шишиња за пиво, за вино, чаши од вински комплети, кригли и останати тврди реквизити кои што можат да наштетат некому, кои што упатени од височина кон паркетот добиваат огромно забрзување, кое што помножено со масата на фрлениот објект, како конечен производ наречен сила (F=ma) – може да утепа човек?

Парите кои што се влеваат во двата најголеми колектива во нашата земја, големи во поглед на титулите, се главно државни, или од најсилните македонски компании што значи на некој начин пак државно инструирани се слеваат во Работнички и во МЗТ Скопје. Тука можеби и грешиме, можеби клубовиве имаат силен маркетинг, стварно не знаеме.

Споменатите клубови велат: Законот бил ригорозен. Ќе се играло пред празни сали немало да пуштаат публика внатре. Пари наместо за младинските категории иделе на рачун на муријата. Џандарине казнувале само ако некој од трибините дури и трепне погрешно, односно сигурно (МЗТ и Работнички) мислат на фрлено шише, или запален факел наречен бакља, или топовски удари, или ручки од тупани…

Штом се повторуваат случките, законот не е доволно ригорозен. Штом плаќате казни, има од каде да црпите средства. Салите ни се и онака празни, затоа што луѓето се плашат да не добијат некоја цугла у глаа, да се изразиме скопски пошо сте скопски екипи.

Луѓето не доаѓаат у сала пошо немате извадено играч цели 20 години, може и поише, со секоја чест на исклучоците кои што се природно надарени и имаат вроден талент, па повеќето од нив не сакајќи во маало на баскет се запознале со кошарката, па за нивна (не)среќа играат во најтрофејните ни наши екипи (наместо низ Евролига, на пример).

Освен во кошаркарска Грција кога играат Панатинаикос и Олимпијакос, или во Србија кога играат Партизан и Звезда, или во Турција кога се соочуваат големите ривали – на што целиот свет се чуди – на ниту едно друго место нема плукачки, тепачки, бодежки и убивачки меѓу навивачите.

Нема да гледаме НБА или Евролига или шпанска лига или германска лига, каде што навивачи во различни маици, со боите на двата клуба што играат на теренот, седат еден до друг. Тие се мекушци бе, тие не знаат шо е навијање, тие се западњаци и мислат дека идат у театар бе, а не у арена кај гладијатори кои шо се борат за живот бе. Шо знаат тие.

Ќе си напраиме паралела со фудбалот каде што овие случувања се, или беа почести. Сигурно има и други дерби пресметки кои што се претвораат во бојни полиња, не мора да не исправате. Во споменатиот балкански котел ќе се вброиме и ние, па ќе се обидеме да купиме нешто од западњачкиот свет.

Англичаните убиваа луѓе по трибините, на фудбалските натпревари (Хејсел и Хилсборо), намерно или не, па беа казнети 5 години – ги немаше во Европа. И денес се тепаат, ДНК кодот не можеш да го смениш, но можеш да го оддалечиш – сега се маваат со шипки по празните тикви, по улици на договоренки и сачекуши далеку од стадионите, затоа што околу тие стадиони има повеќе полиција од сите војници на НАТО заедно.

Сега, на англиски натпревар, не смееш да станеш од столче или да погледнеш некого попреку. Се снима и веднаш се реагира. Повторно има изолирани случаи на насислство, но тоа им е последно на предизвикувачите на инцидентите – ДОЖИВОТНО се казнети и немаат право да гледаат фудбал на англиските стадиони.

Како илустрација – во Англија има по 50.000 гледачи во просек, на еден фудбалски натпревар, а во нашата земја нема толку гледачи вкупно од првиот кошаркарски меч во независна Македонија, па до денес. Ова е само симболика, нели.

Не е проблемот во МВР, МВР си казнува. Не е ниту во МКФ, МКФ исто така си казнува. Никој не казнил никого, ако не се случило ништо.

Не е проблем ниту публиката што прави бељи, затоа што треба некој да ја насочи, да ја подучи, да ја искорегира, да се постави над неа како свесна организација која што организира натпревари според европските и светските теркови.

Само така, ако главата го смири телото, се ќе си дојде на свое место. А, тој некој, ни фали. Многу ни фали. Во сите пори на нашето постоење. Ние не сме за плачење, ние сме одамна исплакани. Сега, сме за жалење …

НАПОМЕНИ: Сите фотографии се искористени со преносно значење, ликовите не се поврзани со содржината. Во текстот е користен сленг и уличен жаргон.