ПОЧЕТНА Избор на уредникот Писмото на Владе Дивац што треба да го прочита секој репрезентативец

Писмото на Владе Дивац што треба да го прочита секој репрезентативец

сподели

Во периодот кога целата српска спортска јавност е во дебата за тоа дали Никола Јокиќ е во право кога одбил да игра за репрезентацијата на Европското првенство, легендата Владе Дивац преку писмо објасни што значи најсветиот дрес.

Тој им се обрати на сегашните и потенцијалните српски репрезентативци, но сите кошаркари би требало да го прочитаат писмото и пораката што е испратена преку него. Освен за односот кон репрезентацијата, Дивац посветува внимание и на новиот систем на квалификации кој го промовира ФИБА, а ќе почне од претстојната есен.

“Додека растев во родното Пријепоље бев инспириран гледајќи ја репрезентацијата и нејзините најдобри играчи. Никогаш нема да ја заборавам возбудата што ја чувствував додека ја гледав репрезентацијата на Југославија како и игра и од младите денови сакав да бидам како тие кошаркари, да заслужам прилика да ја претставувам мојата земја на Евробаскет, Светско првенство и Олимписки игри. Бев благословен да ми се оствари тоа.

Секогаш постои нешто магично кога ќе го облечете националниот дрес бидејќи тоа значи дека не сте само дел од тимот на теренот, туку и многу пошироко. Играњето за својата земја е најголема чест и знам дека многумина од вас размислуваат така.

Во сите делови од светот натпреварите на репрезентациите привлекуваат внимание на навивачите како ништо друго. Ги инспирираат младите луѓе да се занимаваат со спорт.

Меѓутоа, долго време влијанието на кошарката е намален затоа што националните тимови ретко играат натпревари пред своите навивачи. Навивачите не можат да ги видат во акција локалните ѕвезди и не можат да ја почувствуваат возбудата што ја носат овие натпревари. Големите турнири се играат во неколку земји и само еднаш годишно што ја намалува медиумската покриеност и интересирањето.

Новиот формат на натпревари кој ќе почне од ноември е направен не само за да ја одвои кошарката од другите летни спортови, туку и да ги врати репрезентациите кон своите навивачи. Овој систем, заедно со домашните натпреварувања ќе помогне на целата кошаркарска фамилија.

За играчите тоа значи дека еднаш во четири години ќе имаат слободно лето и тоа ќе го намали притисокот и ќе им овозможи да се одморат и опорават од напорните сезони. Ќе има и можност за промени во составот за секој натпревар од квалификациите и кратење на подготовките на максимум 28 дена што е мошне значајно.

Многу е важно новиот календар да овозможи услови за развој на нови таленти во што повеќе земји. Повеќе натпревари против поквалитетни противници ќе создадат услови за нивен напредок.

Новиот систем и новиот календар ќе донесат многу добри работи за играчите, навивачите, сојузите, лигите и клубовите, на сите кои имаат врска со кошарката, а со самото тоа и на спортот кој сите го сакаме. Поради сите тие причини, сакам сите играчи да го поддржат за да дојдат во прилика да уживаат во кариерата каква доживеав и јас”, напиша Дивац.