ПОЧЕТНА Некатегоризирана ПЕТРОВИЌ: Пенов е пример за професионалец

ПЕТРОВИЌ: Пенов е пример за професионалец

сподели

Тешка, но заслужена победа за Куманово на почетокот од новата сезона во Првата лига.

На гостувањето кај Вардар, полуфиналистот од минатата сезона долго се мачеше, но успеа да го скрши жилавиот ривал.

На површина излезе искуството во однос на противничките кошаркари иако и Куманово покажа низа слабости во својата игра.

„Имавме контрола над резултатот во текот на целиот натпревар, знаевме дека против нас е една млада, полетна и борбена екипа. Знаевме и дека нема да биде лесно, но дури и кога дојдоа на два поена разлика, не не фати паника.

Можеби можевме порано да го решиме натпреварот, во еден момент беше и 17 разлика, но тука застанавме мислејќи дека е се готово.

Игор Пенов (фото: kumanovskimuabeti.mk)

Не е мој принцип да издвојувам играчи, секогаш сметам дека колективот ги носи победите, но сега ќе отстапам од таа практика. Игор Пенов е пример за борбеност, желба, ‘гинење’ за тимот. Сите го дадоа максимумот, но тој беше лидер на овој натпревар, вистински професионалец”, изјави за basketball.mk, тренерот на Куманово, Александар Петровиќ.

Аплицирајте веднаш за

Ланскиот полуфиналист во македонското првенство во новата сезона влезе со поинакви амбиции кои не вклучуваат пласман во разигрувањето за титулата.

„Куманово оваа година е со намален буџет, клубот направи план за репрограмирање на долговите и ништо не е како минатата сезона.

фото: kumanovskimuabeti.mk

Но, имаме одлична атмосфера, имаме и поддршка од управата и сакаме да го искористиме тоа. Некои работи се средуваат, има позитивна енергија во и околу клубот и тоа би можело да биде само добро за сите нас.

За разлика од лани, сега успех би бил пласман во Суперлигата. За плеј-офот воопшто не размислуваме иако не би пропуштиле шанса ако ни се укаже. Учество во Суперлигата би претставувал поголем успех дури и од минатосезонскиот пласман во полуфиналето”, додаде искусниот стручњак.