ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Пелистер испушти +16, но оствари важна победа во Чаир

Пелистер испушти +16, но оствари важна победа во Чаир

сподели

Трета победа на Пелистер оваа сезона, втора во дуелите со директниот ривал за опстанок Шкупи. По голема борба битолчани славеа со 86:81 и ја продолжуваат битката во која ќе учествуваат најмалку уште четири екипи.

Шкупи доживеа неколку промени во мини-паузата, па можеби и тоа е една од причините за неуспехот во мечот кој имаше големо значење за нив. Се разбира, не и клучно бидејќи претстојат уште десет кола од овој дел на сезоната и потоа уште десет во плеј-аутот.

Дури и во вакви услови малку недостасуваше чаирчани да направат сензација и да до дојдат до победата по негатива од 16 поени разлика. Пелистер доминираше од крајот на првата четвртина, а во 22. минута ги достигна највисоките 53:37, потоа и 56:40.

Шкупи не се откажуваше, полека го намалуваше водството за во 32. минута да поведе со 67:65. По неколку промени на водството и израмнувања, Пелистер го реши натпреварот во своја корист во последните две минути кога постигна четири поени по ред, искористи едно промашување за тројка и неспортски фаул на Мемет и се одлепи на 82:77.

На 23 секунди пред крајот Шкупи се доближи на само -1 (81:82), Анакиевски погоди две слободни фрлања, а клучниот момент на натпреварот беше загубената топка на Вого во последниот напад по што веќе немаше враќање за домашниот тим.

Новиот играч во редовите на Шкупи, Догбо беше најефикасен во својот тим со 22 поени. Сепак, натпреварот го одбележа Анакиевски кој вторпат сезонава се покажа кобен за скопскиот тим. Постигна 30 поени со одличен шут за тројка – 8/10. На првиот меѓусебен дуел на овие две екипи истиот играч броеше до 39.