ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ПАПАРАЦО: Тајниот план на Докузовски за победа против Куманово

ПАПАРАЦО: Тајниот план на Докузовски за победа против Куманово

сподели

Многу пати досега е кажано, а потоа во пракса и докажано дека вистинските реакции на тренерот, во вистинско време од еден натпревар, се круцијални за победа.

Но, сето она што некој го црта на таблата, треба друг да го спроведе во игра. Може тренерот да биде и Пикасо, ако нема кој да ги разлее неговите идеи по паркетот, се е џабе.

Тоа е таа нераскинлива конекција меѓу добар тренер и добри играчи, што почнува со селекцијата пред стартот на сезоната, преку тренинзите и натпреварите за време на една сезона, се до мечевите кои што се разврска за трофеите на крајот на таа сезона.

Врската станува реалност во последните минути од важните мечеви, а во случајов, се осврнуваме на последните 2 минути од натпреварот меѓу центарци и кумановци, прв од втората фаза во актуелнот шампионат на Македонија.

Марин Докузовски го повлече вистинскиот потег пред крајот на мечот со Куманово (02:19), а тоа беше внесувањето во игра на Ѓорѓи Чековски кој што имаше 4 лични грешки и подолг период од дуелот беше на клупата.

Резултатот беше незивесен во последниот период, Чековски беше еден од најгласните на клупата, затоа што од него извираше сета негова енергија, а тој беше немоќен да помогне. Сепак, кога се решава натпреварот, на теренот се оние на кои што стратегот им верува најмногу!

„Станко!!! Направи фаул и одма ако треба, немој да се штедиш!!!“ – беа зборовите на Докузовски со кои што го испрати својот најверен војник, на паркетот!

Чековски му врати за довербата на Докузовски, со офанзивен скок и со поени за победа, односно со два дефанзивни скока кога натпреварот навидум беше решен, но сепак не му дозволи на противникот да помисли дека може да стори нешто.

Се знае кој е царот во гулутницата и кој го задава конечниот удар, тогаш кога се решава битката, без разлика дали е тоа за превласт на територија или за полнење на желудникот.

Ексклузивното во насловот е замка, но сепак ви пренесуваме дел од чкрабаниците на Докузовски, кои што значеа победа. Кој ќе ги дешифрира, следува награда од милион долари.

Работнички го совлада Куманово и има 12 од 12 во македонското првенство, најтрофејната е единствената непоразена екипа во досегашниот тек од македонскиот шампионат.