ПОЧЕТНА Евролига ПАО уште владее во Атина, на Химки не му помогнаа на 17...

ПАО уште владее во Атина, на Химки не му помогнаа на 17 тројки

сподели

Актуелниот грчки шампион ја доби првата атинска пресметка во Евролигата оваа сезона. Во својата сала го совлада Олимпијакос со 93:80 за четврта победа во шестиот натпревар во елитното натпреварување.

„Црвено-белите“ доминираа во првото полувреме кое им припадна со 48:41, но во продолжение нивната игра тотално се распадна. Танасис Адетокумбо беше човекот од сенка во третата четвртина во која ПАО го најави, а во последната го доврши пресвртот и се израдува на победата.

Аплицирајте веднаш за

Лекавичиус со 17 поени беше најефикасен во победничката екипа, додека Принтезис реализира 26, но не му донесе победа на Олимпијакос.

Барселона ја оствари четвртата победа во низа по триумфот над Химки на гостински терен со 80:87.

Домашните кошаркари постигнаа 17 тројки од 39, но и тоа не им помогна. Интересно е тоа што за два поена, кошаркарите на Химки упатија само 17 шута од кои реализираа осум.

Алексеј Швед заврши со 27 поени и од кои пет тројки. Кај Барселона најефикасен беше Ертел со 18 поени, а Синглтон и Томиќ додадоа по 16.

Фенербахче славеше во драматичен финиш на гости кај Басконија со 72:74. Шпанскиот тим беше во игра за победата до самиот финиш, но прво Калиниќ, а потоа Слукас и Датоме беа прецизни од линијата за слободни фрлања и му донесоа победа на турскиот шампион.

Датоме постигна 16 поени, Ловерњ еден помалку, но најефикасен беше Диоп со 17 поени и 11/13 од линијата за слободни фрлања.

Будуќност и натаму е единствена екипа без победа во Евролигата оваа сезона и само потврдува дека не е за ова друштво.

Со триумф од Подгорица си замина и Жалгирис кој победи со 60:72 во еден од најлошите натпревари во ова натпреварување во досегашните шест кола.

Дејвис постигна 20 поени во победничката екипа, а Омиќ беше единствениот со двоцифрен ефект (16 поени) во тимот на Будуќност.