ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Падна бастионот на Блокотехна, Гостивар влезе во серија

Падна бастионот на Блокотехна, Гостивар влезе во серија

сподели

На прсти од една рака можат да се избројат екипите кои последните 13 месеци си заминаа со победа од салата во која што игра Блокотехна.

Од ова коло, на списокот е и Гостивар, кој дури во петтиот обид го оствари првиот триумф во дуелите со гевгелискиот тим. Славеше со 68:84 и првпат оваа сезона има две победи во низа во домашното првенство, што е одлична вест по малата криза на почетокот од сезоната.

Аплицирајте веднаш за

Да биде уште поинтересно, Гостивар никогаш не успеал да се избори барем за едноцифрен пораз во меѓусебните дуели со гевгеличани, но на овој меч наплати за сето тоа.

Веројатно малкумина можеа да претпостават дека дуелот ќе има таков епилог по израмнетиот почеток. До 18. минута екипите се менуваа во водство и на две минути пред крајот на првото полувреме Блокотехна водеше со 28:26. До крајот на првиот дел Гостивар направи серија од 11:2 (пет поени на Димчевски, по три на Фустингер и Сегариќ) и на пауза замина со +7 (37:31).

Една од причините за ваквиот исход по првите 20 минути, беше очајниот шут на домаќините кои не погодија ниедна тројка од 11 обиди, додека Гостивар реализира дури 6, но од 21 обид.

Таквата игра продолжи и во третата четвртина. Блокотехна се мачеше, а Гостивар рутински ја одржуваше предноста која не се симна под 4 разлика. Завршниот удар гостинската екипа го зададе кон средината на последниот период кога направи серија од 9:0 и се одлепи на недостижни 16 поени разлика (75:59). Блокотехна успеа да намали на -9, но немаше време за целосен пресврт.

И уште еднаш најдобар играч во редовите на Гостивар беше Џо Фустингер кој постигна 25 поени (со само две промашувања од 11 шута за два поена) и 9 скока за индекс 33. Гаидус беше прв стрелец во редовите на Блокотехна со 23 поени, но домашната екипа го одигра натпреварот со само осуммина играчи кои заморот ги стигна во финишот.

По овој меч, Работнички останува единствена непоразена екипа во првенството, но со два меча помалку во однос на Блокотехна. Првиот од нив е големото дерби кај МЗТ Скопје (12.11.2018 – 20:15 часот).