ПОЧЕТНА Избор на уредникот ОТВОРЕНО РЕДАКЦИСКО ПИСМО: Господине Лукајиќ, немаше ли место за Маслинко, барем една...

ОТВОРЕНО РЕДАКЦИСКО ПИСМО: Господине Лукајиќ, немаше ли место за Маслинко, барем една секунда?

сподели

Секоја чест на МЗТ Скопје, како организација, како клуб, како екипа, за играчите и за стручниот штаб, за раководството, за сето она што го направиле, го прават и ќе го прават за македонската кошарка.

Не е мала работа да си 6-кратен шампион на Македонија, да играш во АБА лига, да играш во топла сала, да имаш услови за развој какви што имаат европските екипи кои што се натпреваруваат во најсилните лиги…

Доста беше куртоазија!!!

Аплицирајте веднаш за

Господине Жељко Лукајиќ, зошто не играше Андреј Маслинко, во победата на МЗТ Скопје Аеродром на гостувањето во Загреб? Немаше ли место за македонскиот репрезентативец, кој што треба да биде дел од „окосницата“ на нашата селекција, во годините што следуваат?

Кога, ако не против екипа од долниот дел на табелата, ќе игра 20 годишниот Маслинко, кој што ја грееше клупата во Работнички, а сега е „во замрзивач“ во МЗТ Скопје?

Од Работнички во редовите на лутиот ривал – Андреј Маслинко на ревијалниот натпревар против Фенербахче по повод 70-тиот роденден на Работнички.

МЗТ имаше супер втора и трета четвртина, имаше резултат 19:26 и 18:30, имаше залиха за последниот период доволна да си дозволите мал експеримент, да го пуштите тоа младо момче што се вика Андреј Маслинко и што е желно за кошарка, да „зачкрипи“ со патиките на паркетот што го носи името на најголемиот од овие простори, кошаркарскиот Моцарт, Дражен Петровиќ.

Добро, паркетот не е баш тој, сигурно е сменет од тогаш, но ја сфаќате паралелата, нели?

Ви честитаме, Господине Лукајиќ, што го разбудивте заспаниот џин. Ќе Ве бодриме секогаш кога ќе влечете потези што одат во прилог на македонската кошарка. Но, ќе Ве критикуваме секогаш кога ќе мислиме дека не го правите тоа, а можете.

Ако не сте можеле, тогаш Ви се извинуваме јавно. Простено Ви е само ако е Андреј, не дај Боже, повреден. Ако не е повреден или не дај Боже болен, му должите извинување нему, и должите извинување на целата македонска јавност.

Ако не заигра наскоро, Андреј Маслинко (бр. 22) може да се претвори во мафтач со пешкири и да го загубиме нашиот талент засекогаш!

Не правиме сега некаков театар, не бараме популистички наслови со цел некој да не „клика“, туку велиме СТОП за слично сенарио со она на сите што пред Вас беа тука и не однесоа во амбисот, за сите што последниве 6 сезони „хараа“ низ МЗТ и ги однесоа парите, ни носеа некакви „леви“ странци, а не направија ниту еден единствен македонски играч. За 6 години се прави „светски шампион“, цела репрезентација!

Веруваме во Вас, знаеме дека сте квалитетен стручњак и очекуваме МЗТ Скопје со Вас да напредува. Ви посакуваме победа и против Црвена звезда, на 22-ри јануари, пред полна сала која што ќе навива за МЗТ Скопје, а не за црвено-белите.

Со почит, Господине Лукајиќ,
basketball.mk