ПОЧЕТНА НБА Ноќта кога треба да почне ренесансата на Никс

Ноќта кога треба да почне ренесансата на Никс

сподели
фото: Keenan Hairston / Wikimedia Commons

Помладите љубители на НБА лигата веројатно знаат дека постои една франшиза од Њујорк, но сигурно за неа мислат дека е тука само за да ја пополни бројката од 30 екипи.

И никој не може да ги обвини затоа што поминаа точно 20 години откако Никс последен пат играа значајна улога во ова натпреварување, односно стигнаа до финале на НБА лигата, а од 2001, само еднаш ја поминаа првата рунда во плеј-офот.

Веќе шест години не се дел од најдобрите 16 кои разигруваат за титулата и од таа славна франшиза остана само името и култната арена Медисон Сквер Гарден за која Коби Брајант изјави дека му била омилена додека активно играше кошарка.

Во 90-тите години од минатиот век Њујорк Никс беше една од најдобрите екипи во НБА лигата иако ниеднаш не ја освои титулата. Џон Старкс, Чарлс Оукли, Патрик Јуинг, Ентони Мејсон, Док Риверс, Грег Ентони, подоцна Алан Хјустон, Латрел Спривел, Маркус Кемби, Лери Џонсон… сите тие беа на чекор, но не го донесоа пехарот во „големото јаболко“.

Два пати Њујорк играше во големото финале, во 1994 година загуби од Хјустон Рокитс на Хаким Олајџувон, а пет години подоцна од Сан Антонио Спарс кој тогаш ја почна својата династија.

Никс имаа несреќа да бидат во иста конференција со Чикаго Булс, односно Мајкл Џордан, па во 1991, 1992, 1993 и 1996 година загубија од овој тим во различни фази од плеј-офот. Кога некако ќе ја избегнеа екипата од Илиноис или кога Џордан паузираше, ќе налетаа на Реџи Милер, односно Индијана Пејсерс и ќе загубеа од нив.

Но, дури и тие несреќни порази беа поубави отколку сегашната состојба во која се наоѓа тимот. Не помогна ниту Фил Џексон на менаџерската позиција, ниту играчи како Кармело Ентони или Кристапс Порзингис. Навивачите, а и повозрасните љубители на кошарката се надеваат дека вечерва е моментот кој треба да значи воскреснување за Никс.

За неколку часа во Чикаго ќе се одржи лотаријата за НБА драфтот во кој Њујорк, Феникс и Кливленд имаат најголеми шанси (по 14%) да го добијат првиот пик. Ако им припадне на Никс, сигурно ќе ја одберат колеџ-сензацијата Зајон Вилијамсон и со него ќе го почнат враќањето во врвот на НБА.

фото: USA TODAY Sports

Се разбира, не е се до Вилијамсон, Њујорк има најголем простор во селари капот за ангажман на големи ѕвезди и се очекува да тргнат по потписите на Кевин Дурант и Кајри Ирвинг, а се најавува и обид за привлекување на Маркус Морис и Тери Розиер.

Со таква петорка Никс ќе бидат сериозни кандидати за висок пласман во Источната конференција, а со уште некое засилување, можеби ќе можат да им ги загрозат позициите на Милвоки и Торонто кои во моментов се без конкуренција на Истокот.

Патрик Јуинг – прв пик на драфтот во 1985 година (фото: I-80 Sports Blog)

Интересно е тоа што Њујорк Никс дури 34 години чека на првиот пик на драфтот. Последен пат го имаа во 1985 година кога избраа едно талентирано момче по име Патрик Јуинг (можеби сте слушнале за него). Со него тогаш почна подемот на екипата, можеби сега е момент за ренесанса.