ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Новото засилување на Гостивар: Перо Антиќ е џин од човек!

Новото засилување на Гостивар: Перо Антиќ е џин од човек!

сподели
фото: gostivarpress.mk

Немања Мишковиќ е засилувањето за Гостивар во преостанатиот дел од сезоната. Новиот прволигаш ќе се обиде да обезбеди пласман во плеј-офот, а српскиот центар треба да помогне во остварувањето на амбициите.

Тој веќе се приклучи на тренинзите на тимот и ќе дебитира против Пелистер во претстојното коло од Првата лига.

„Знам многу за македонската кошарка. Конкретно за Кошаркарскиот клуб Гостивар првпат слушнав пред почетокот на оваа сезона, но импресиониран сум од амбициите.

фото: gostivarpress.mk

Првите впечатоци се одлични, сите сме како едно семејство. Соиграчите одлично ме прифатија, истото важи и за тренерот и за раководството на клубот. Атмосферата е прекрасна и мислам дека клубот има една убава перспектива”, ги пренесува Мишковиќ за basketball.mk првите импресии.

Во Гостивар тој треба да ја пополни празнината под кошевите која ја остави неговиот сонародник Александар Тодоровиќ заминувајќи во Динамик. Тодоровиќ беше еден од најдобрите играчи во првата полусезона, не само во Гостивар, туку и во Првата лига воопшто.

Своевремено, Мишковиќ бил член на Б-сениорската репрезентација на Србија, а како 18-годишник тренирал со првиот тим на Партизан (фото: ozonpress.net)

„Многу добро го познавам Александар, тој е одличен и исклучително паметен кошаркар, добар шутер и може да ги покрие позициите 4 и 5, додека јас сум класичен центар. Не би сакал да се споредувам со никого, особено поради тоа што ние двајца имаме сосема различен стил на игра.

Моја работа е да го дадам максимумот на секој натпревар, да ‘загинам’ за секоја топка и да се обидам да и помогнам на екипата да влезе во плеј-офот. Мислам дека ќе успееме во тоа, а првиот тест ни е саботниот натпревар против Пелистер”, додава 24-годишниот центар.

Еден од идолите на Мишковиќ е ко-акционерот во Кошаркарскиот клуб Гостивар.

Еден од најдрагите моменти во животот – запознавањето со Перо Антиќ

„Имав можност да го запознаам Перо Антиќ и можам да кажам дека тој е џин од човек. Нормален, семеен, но со голема душа.

А, за тоа дека е еден од најдобрите играчи од овие простори, мислам дека е излишно да се зборува. Тој е мој идол заедно со Никола Пековиќ. Се на се, можам да кажам само убави работи за Перо”, заврши Мишковиќ.