ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА НИКОЛОВ: Сакам на младите играчи да им ја дадам шансата што не...

НИКОЛОВ: Сакам на младите играчи да им ја дадам шансата што не ја добив јас

сподели
Со 25 одини, Павле Николов е најмлад тренер во Првата македонска кошаркарска лига

Поранешниот вицешампион на Македонија и финалист во Купот, Кожув минува низ тежок период од своето егзистирање, но со сите сили се обидува да опстане на домашната кошаркарска сцена. Сезонава со видоизменет состав и малку поинакви амбиции, но повторно ги освојува симпатиите со својата гордост и желба за успех.

Тренерот Павле Николов е меѓу најзаслужните што клубот не само што се спаси од гаснење, туку по тешкиот старт на сезоната е се поблиску до опстанокот во Првата кошаркарска лига. Тој најдобро знае како течеше процесот.

„Се собравме на само еден ден пред почетокот на сезоната и заедно со капитенот Апостолов одлучивме по секоја цена да го спасиме клубот. Посебна благодарност до Миладин Пековиќ кој ни помогна да ја започнеме оваа тешка сезона за нас.

Набрзо по иницијатива на Пековиќ пристигна искусниот центар Иван Мишковиќ и некако успеавме да ја склопиме екипата. Сега е веќе подобро, застанати сме на здрави нозе и се надевам дека КК Кожув и следната сезона ќе биде дел од Македонската прва лига“, раскажува Николов за basketball.mk.

Иако во гевгелискиот тим има и странски кошаркари, основата ја чинат домашните играчи од кои голем дел се на крајот од втората и почетокот на третата деценија од животот. Тие добија шанса од тренерот и максимално ја користат.

„Веќе неколку години во македонската кошарка се соочуваме со проблемот – НЕ давање шанса на млади играчи. Уште од самиот почеток кога ја донесовме одлуката да го формираме тимот, главна цел беше да им дадеме шанса на младите играчи како што се Томислав Петров, Мартин Шалев, Ранко Мамузиќ, Даниел Нацевски.

Поради нив, Кожув е најмлада екипа во Првата лига. Сите се исклучително талентирани и ако продолжат со напорна работа како и досега, ги имаат сите услови да станат врвни кошаркари“, додава Николов.

Со 25 години, тој е најмлад тренер на една екипа во Првата македонска кошаркарска лига. Не е непознат за македонската кошаркарска јавност бидејќи како играч беше член на Фени Индустри и со овој тим освои две титули во домашното првенство, една во Купот на Македонија и една во БИБЛ лигата.

„Мојот прв контакт со кошаркарската топка го имав во родниот град Неготино. На 17-годишна возраст (2009) добив повик од КК Фени Индустри, каде што останав шест години (2015), но притоа не добив шанса каква што сега им давам на моите млади играчи.

Следната година, барајќи поголема минутажа, преминав во КК Бест Гевгелија, кој набрзо згасна, па така ја завршив мојата играчка кариера. Поради голема љубов кон кошарката одлучив да станам тренер и отворив свој клуб за млади таленти. Бев целосно посветен на нив, се до моментот кога од страна на управата на КК Кожув бев повикан да бидам прв тренер“, заврши младиот стручњак.