ПОЧЕТНА Во позадина Никогаш и не тргнаа очи еден од друг, можеби затоа се заслужуваат

Никогаш и не тргнаа очи еден од друг, можеби затоа се заслужуваат

сподели

Како што Жељко е најтрофеен стратег во европската кошарка, така Марин е најтрофеен кај нас. Како што Попович е тренерот со најмногу победи во историјата на НБА лигата, така Докузовски е тренерот со најмногу победи кај нас.

Титулите и победите не се исти по број и не се исти по тежина, но секој пехар си има свое значење. Нам нашите пехари ни значат исто, како што им значат ним оној во Евролига или оној преку Океанот.

Се прашуваме дали има друг човек кај нас, во оваа фела, што повеќе или барем слично, размислува за кошарката?

Не го споредуваме нашиот стратег со нив, не се ни осмелуваме, затоа што секој тренер си има свое место во историјата на кошарката, таму каде што егзистира. Марин Докузовски е осамен на врвот на листата на имињата што нешто успеале да направат и да одржат во континуитет, во Македонија.

На Работнички му го донесе 10-тиот трофеј во Купот на РМ, што за него лично е број 4 во ова натпреварување, по победите во 1998, 2005 и 2011. Во македонската лига, има 7 титули, на пат е да ја освои и осмата ако неговата екипа игра вака и ако засилувањата се реализираат, односно се вклопат во средината.

Сите тројца на фотографијата, под палката на Докузовски, играат поинаку од настапите што ги имаа во другите екипи (фото: mkf.mk).

Неговите екипи се организирани, нема импровизација. Неговите играчи се физички спремни и за рагби натпревар, нема отстапки. Неговите победи често се плод на неговата имагинација и стратегија, тука може сите само да молчат и да гледаат.

Сетете се на победите против Орка во Купот, против МЗТ кога аеродромци имаа најсилни спонзори и најсилни ростери, против Фени кога во Кавадарци се слеваа најмногу пари во македонската кошарка затоа што спонзорот беше најстабилен. Постојано измислуваше акции, поени, играчи, тактики, стратегии.

Докузовски во акција…

Еднаш може да имал среќа, може и два пати, три пати ќе му дадеме, па и две од карти. Но, постојано да има среќа, едноставно не е можно. Не е можно секогаш да има по нешто плус од другите, а тоа да е среќа!

Има нешто што го прави поразличен од другите тренери, од другите стратези што биле и што се на чело на нашите екипи. Можеби ќе сподели со јавноста, кога ќе биде повозрасен (58) и кога (АКО!!!) ќе ја отвори пандорината кутија.

Во исчекување на тој ден – Честита Куп 10-ка, Работнички!