ПОЧЕТНА Евролига Нема „вајлд кард“: Познати 15 учесници во Евролигата, останува уште шампионот на...

Нема „вајлд кард“: Познати 15 учесници во Евролигата, останува уште шампионот на Германија

сподели

Германскиот прволигаш Баерн и францускиот Лимож сигурно нема да добијат специјални покани за учество во Евролигата идната сезона.

Вчера стана јасно дека годинава не постои можност за таква работа откако Химки и Валенсија станаа 14. и 15. тим што обезбеди учество во елитното кошаркарско натпреварување претстојната сезона. Химки ќе игра во Евролигата благодарение на пласманот во финалето од ВТБ лигата, а Валенсија како третопласиран тим во основниот дел од сезоната во АЦБ лигата. Постоеше можност за “вајлд кард” ако Уникаха го совладаше Реал во полуфиналната серија и се пласираше во финалето. На тој начин ќе останеа само четири шпански претставници затоа што Уникаха има загарантирано место во Евролигата како победник на Еврокупот оваа сезона. Сега, кога тимот од Малага е елиминиран, Шпанија добива дополнителен претставник како дел од договорот со Евролига од 2014 година, третопласираниот тим од првенството да игра во елитното натпреварување.

Тоа значи дека Шпанија претстојната сезона ќе има пет претставници во Евролига: Реал, Барселона, Басконија, Валенсија и Уникаха. Другите екипи што досега обезбедија пласман се: Фенербахче, Олимпијакос ЦСКА, Анадолу Ефес, Панатинаикос, Жалгирис, Макаби ТА, Олимпија Милано, Црвена Звезда и Химки. Остана уште едно место, а него ќе го добие германскиот шампион. Во финалето од плеј-офот на оваа земја играат Олденбург и Бамберг, а води актуелниот шампион со 1:0.