ПОЧЕТНА Избор на уредникот На што (ќе) изгледа овој МЗТ Скопје?

На што (ќе) изгледа овој МЗТ Скопје?

сподели

Металците добиваат ново раководство, најавени се нови ветришта во Аеродром. Не само организациски, туку и играчки. Шампионот не застанува со засилувањата, basketball.mk дознава дека се планира ангажман на нови домашни кошаркари.

Со оглед на тоа дека во Македонија сите наши играчи се ангажирани, дали тоа значи дека некој од интернационалците, ќе се врати дома?

Аплицирајте веднаш за

На позицијата прв оперативец е поставен Тони Грнчаров, а на позицијата одговорен за младинскиот погон е Огнен Стојановски, кои што кај нас се добро познати и за наши услови се докажани кошаркарски имиња.

Двајцата во одреден дел од играчките кариери, биле незаменлив сегмент од играта на МЗТ Скопје. Сега е редот, да се покажат како функционери.

Во моментов, МЗТ Скопје Аеродром има најдлабок ростер и најширока ротација, од сите екипи во Македонија. Тренерот Тодоров (кој што прв ја освои титулата со МЗТ) неколку пати изјави дека за домашните натпреварувања ќе се концентрира во март, сега на шампионот му се битни настапите во регионот.

Во АБА лигата, не оди како што посакува јавноста, но резултатите се во согласност со реалноста. Штрковите се на дното на табелата со 2 победи и со 6 порази, но имаа премногу турбуленции во составот за да можат да одиграат во континуитет и стабилно.

Од приложеното, во моментов, МЗТ Скопје има одлична бековска линија во Доминик Мавра и Никола Павличевиќ.

Привидно, жртва ќе биде Бобан Стајиќ кој што можеби ќе загуби на минутажа, но ќе добие здрава конкуренција и простор да напредува. Сепак ќе се игра на два фронта и има место за сите, а не се многу, тројца се.

Шутерската линија исто така е пеколна, таму се Дамјан Стојановски и Марко Симоновски. Едниот се врати по повреда на лигамент на коленото поради која што паузираше цела година, другиот се мачи со повреда на потколеничната коска.

Сезонава не се константни, но во неколку наврати покажаа дека не заборавиле да играат кошарка, потребно е време да влезат во ритам. Прашање е само, дали ќе го издржат темпото на АБА лигата.

Јордан Минчев, скапоплатената бугарска надеж од страна на Фенербахче (неофицијално 100.000 евра за трансферот од Левски Софија), некако, преку Вршац, слета во Скопје, на изненадување на сите.

Експлозивен, со идеални пропорции, со природни движења, но без искуство. Ќе се учи во МЗТ Скопје, но очекуваме да придонесе за резултатите, има просек над 8 поени и 4 скока по натпревар во АБА лигата.

Негова замена е Игор Пенов, беспоштедниот борец кој што можеби не може да придонесе којзнае колку во офанзивата, но може и тоа колку во дефанзивата.

Ова не му е прва епизода во Аеродром, веќе го носеше дресот на МЗТ Скопје на почетокот на кариерата (2004/06) и пред 5 години кога беше дел од историската прва шампионска сезона (2010/12).

Четворката е солидно пополнета, но може да се појават проблеми, затоа што Бојан Трајковски се жали на повреда на препоните која што е многу „здодевна“. Можно е да паузира одреден дел од сезоната, а можно е и да не се појави на првата прозивка на селекторот Јорданчо Давитков.

Замената за Боки, е Радосав Спасојевиќ. Не е познат по некакви спектакуларни учиноци претходно, но од досега виденото се вклопува во оваа концепција.

Тука, загрозен е Андреј Маслинко, но и за него важи истото, како и за Бобан Стајиќ. Здравата конкуренција е можност за напредок, двата фронта нудат можност за доволно минути за тројца кошаркари на една позиција и од нив, само од нив зависи како и колку ќе ја искористат шансата.

Wikipedia

Најтешката позиција е најтешка за анализа. Никако не може да се предвиди како ќе одигра Јуре Лалиќ. Еден ден е доминантен, другиот ден го снемува. Ќе му помага Ѓорѓе Мајсторовиќ, кој што со себе носи искуство од Партизан.

МЗТ Скопје Аеродром, на преминот меѓу двете сезони и на стартот на оваа, смени 12 имиња во играчкиот кадар. Си заминаа Клоф, Мијатовиќ, Синовец, Дреновац, Темс, Катниќ, Џенсен, Бејли, Гарсија од легионерите и Младеновски, Ѓуроски и Мекиќ од нашите.

Надежите Михајло Митев, кој што дојде од Вардар и Ранко Мамузиќ, кој што дојде од Баскет Аликанте се испратени на калење во Струмица и Кожув.

Дојдоа и останаа Стојановски, Трајковски, Стајиќ и Пенов од Македонците, заедно со Минчев и 4-цата од поранешните југословенски простори.

Време е трансфер политиката да се стабилизира, поминува ноември, време е новото раководство на македонскиот шампион да постави база на играчи (нешто слично како што тоа беше тројката Гечевски-Чековски-Стојановски) и на таа основа да гради нов тим.

Се друго, е инстант проект, кој што се топи со првиот лош резултат.

И се разбира, чекаме в сала, да се појави Фемили!!!