ПОЧЕТНА Избор на уредникот На Ваша сугестија: Победата на Будуќност против Перо и Звезда не е...

На Ваша сугестија: Победата на Будуќност против Перо и Звезда не е сензација?

сподели

Најдобронамерно сфатениот коментар на еден од нашите читатели, на нашата Фејсбук страница, го преточивме во едноставна анализа со која што ќе се обидеме да доловиме дали триумфот на црногорската екипа остварен во Белград, е сензационален или не е.

Параметрите од кои што тргнавме во формирањето на насловот во оригиналниот текст, се буџетот на екипите, составот на екипите, резултатите на екипите последните неколку сезони и статусот на екипите во европски рамки.

Во моментов, Црвена звезда и Будуќност имаат по три победи и по еден пораз, но поради подобрата кош разлика, црвено-белите се на првата позиција на табелата во АБА лигата. Будуќност е на втората. Двете екипи се домашни шампиони.

rezultati.com
Аплицирајте веднаш за

Во последните 12 меѓусебни соочувања, Црвена звезда има извојувано 8 победи од кои што само една е со помалку од 10 поени разлика, односно е со 1 поен позитива.

Земаме в предвид 12 мечеви, затоа што тој 12-ти натпревар броено наназад, е победа на Будуќност. Во анализите најчесто се земаат в предвид последните 10 натпревари, затоа што секој подолг период повлекува со себе и други параметри.

На домашен терен Звезда има само еден пораз во споменатиот период, овој поради кој што се прави анализава, а претходниот загубен меч за црвено-белите, од Будуќност, во Белград, е 2009-та година.

Од споменатите 4 порази на Звезда од Будуќност, ги издвојуваме овој последниот и претходниот. Последниот доаѓа во момент кога екипата на црвено-белите е реконструирана и има помалку од 10 компетитивни натпревари, како тим.

Точно е дека и Будуќност е реконструирана екипа, но во дуел на два такви тима понекогаш, а така беше во овој случај, решава и мотивацијата. За Будуќност беше сега или никогаш, Црвена звезда ќе има и друга прилика да се радува во овој дуел. Далеку од тоа дека црногорската не е квалитетна екипа.

Згора на се, предводена е од Александар Ѓикиќ кој што е тренерски гуру на балканот, за разлика од помалку искусниот колега и (релативно кажано) анонимусот на жешката црвено-бела клупа, Душан Алимпијевиќ.

Душан Алимпијевиќ – Црвена звезда

Претходниот пораз, на 28. март годинава, во вториот дел во рамките на минатата АБА сезона, во пеколната атмосфера секогаш кога игра Звезда во Морача во Подгорица, беше меѓу два исцрпувачки натпревара за Звезда.

Тоа беа поразот од Барселона (67:54) во Шпанија (на 24. Март) во кој што резултатот не е реалната слика на она што се случуваше на теренот и убедливата победа против рускиот УНИКС (83:65) во Белград (31. Март), во рамките на Евролига.

Црвена звезда игра константно и одлично во Евролига веќе три години, минатата сезона беше на прагот да се пласира во 1/4 финалниот филтер.

Три сезони прави „лом“ во АБА лигата, во истиот период доминира и во Србија. Во трите натпреварувања, АБА + првенство + куп, освои 8, односно загуби само еден трофеј, во купот на Србија.

Ако се точни нашите прогнози и претпоставки, буџетот за плати на Црвена звезда е над 5 милиони евра, а на Будуќност околу 1 милион евра. Поради ова и се друго претходно споменато во оваа анализа, велиме дека победата на Будуќност во Белград е сензационална.

Повторуваме дека сугестијата е сфатена најдобронамерно и оваа анализа е инспирирана токму од таа забелешка. Коментирајте и понатаму, заедно да растеме како специјализиран кошаркарски портал и вистинска кошаркарска публика.

(НАПОМЕНА: Сите искористени фотографии во овој текст се сопственост на Crvena zvezda mts и aba-liga.com)