ПОЧЕТНА А Репрезентација Најголемиот проблем во македонската кошарка? Публиката!!!

Најголемиот проблем во македонската кошарка? Публиката!!!

сподели
fiba.basketball

Натпреварот со Романија во рамките на претквалификациите за ЕП 2021 го докажа тоа. Но, не е проблемот каков што веднаш ќе се помисли дека е, кога ќе се прочита насловот, туку е суштински и есенцијален.

Во Македонија, никој не сака да плати билет за спортски натпревар. Во Македонија, сите сакаат да гледаат (во случајов) НБА ѕвезди. Во Македонија, сите знаат повеќе од оној кој што е на некаква позиција – знаат како треба, колку треба и кога треба.

Зборуваме за кошарката – сите сме експерти, стручњаци, играчишта, тренери и селектори – а никој нема фатено баскет, не знае каков е вкусот кога ќе се пипнеш на усните со дланка што мириса на портокаловата гума, или зошто кошаркарите ги бришат ѓоновите на патиките со нивните раце. НИКОЈ!

fiba.basketball
Аплицирајте веднаш за

Сакаме секоја година да играме полуфинале на ЕП, но и кога би се случило тоа, ќе се најде нешто да се коментира. Тоа историјата го докажала и тоа никогаш нема да се смени. Можеби и не треба, но треба да се смени нешто друго.

А тоа друго е пристапот кон материјата. Тоа друго е почитта кон националниот дрес. Тоа друго е поддршката што му ја даваш на својот – затоа што тој е дел од тебе и тој те претставува тебе – без разлика каков е или што знае или колку може.

Трибините во СЦ Борис Траковски беа празни, на дуелот со Романија (2018). Трибините во СЦ Борис Трајковски беа рекордно полни, на дуелот со Велика Британија (2010). Колку само се сменила перцепцијата, а поминаа само 8 години. Или не е тоа проблемот, нешто друго е?

Игра истата репрезентација, но со други актери. Игра за истата цел – во името на Македонија! Добро, рака на срце, кај нас не се бара билет повеќе за Лихтенштајн, туку за Шпанија и за Италија. Не се бара селфи со Стојановски, туку со Тоти, Пеле, Марадона…

Резил!!!

fiba.basketball

Знаете што?

Тогаш, не им требаше поддршка на Перо и на Бо. Сега им треба на Бојан и на Курчо. Тие можеа и без публика, повторно ќе се пласираа во полуфинале. Овие, со публика ќе играат многу подобро и ќе остваруваат подобри резултати. Сите што излегле на некаква сцена, знаат колку значи поддршката од публиката.

Лесно е да се фрла со домати и со краставици по бината, тешко е да се ракоплеска кога твојот губи, кога не му оди, кога му е потребен ветер во грбот. Публиката (би требало да) оди на трибините со цел да покаже колку го сака своето, а не да каже дека тогаш кога сме победиле сме биле таму или сме ги виделе тие другите.

fiba.basketball

Имаме шанса за поправен, ќе играме дома со Косово во ноемвриско/декемврискиот прозорец на ФИБА. Тогаш би требало да ги испратиме нашите кошаркари за Романија со нашата навивачка химна.

Е сега, не ни се погоди противникот, со оглед на историјата на овие простори, но не ни треба емотивно-националистичко-(само)убиствен набој, оставете им го тоа на политичарите.

Да си ги сакаме и да си ги бодриме кошаркарите! Какви се, такви се! Наши се! Тие се најдоброто што го имаме во моментов, а со нас на трибините ќе бидат уште подобри! Дојдете, ќе видите! Ако не е така, да не плукнете!

НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!