ПОЧЕТНА Други репрезентации Нашиот Тео (само???) ги подучува Србите?

Нашиот Тео (само???) ги подучува Србите?

сподели

Синот на Ѓорѓе Војновиќ е дел од кампот на кадетската селекција на Србија, а претходно беше дел од кампот на ѕвездата на Сакраменто, Богдан Богдановиќ, кој што е меѓу најпрестижните собири на млади кошаркари кај северниот сосед и во регионов.

Според информациите до кои што стигна basketball.mk, Тео Војновиќ решил да ја прифати поканата од организаторот на кампот на Богдановиќ и да замине за Белград, на подготвителни и усовршувачки тренинзи во летната пауза меѓу двете сезони.

Аплицирајте веднаш за

На овој камп учествуваат 50 млади кошаркар(к)и кои што се стриктно поканети од страна на организаторот, а кампот е комплетно бесплатен. Освен Богдановиќ, присуствувале и негови колеги играчи од НБА лигата, но и Лери Луис кој што е тренер задолжен за развојот на играчите во редовите на Кингс, т.н. player development coach.

На овој камп се следат комплетните состојба и развој на играчите, со сите можни мерења на моменталната физичка форма и на квалитетот на телата на момчињата, а воедно се работи и на нивната техника и тактичка подготовка, со најмодерни вежби, системи, средства и технологија.

Веднаш по завршувањето на кампот на Бoгдановиќ, што се одржа минатиот викенд (23-24 јуни, на теренот на Партизан, на Калеменгдан) за 10 девојчиња и 40 момчиња, повеќето родени 2003 и 2004 година, Тео (13 години, МЗТ Скопје) добил покана да биде дел и од подготовките на српската селекција, со која што тренира во моментов.

Нашиот извор „од горе“, не запрепасти со реченицата – „Ние, ваков шутер, на оваа возраст, немаме, а Тео воедно има и завидна техника и контрола на топката.“.

Многу често, за време на престојот на Калемегдан, токму Тео бил избиран од групата, за демонстратор на вежбите и дриловите што им биле презентирани на учесниците.

И во минатото, наши млади кошаркари се решаваа да играат за Србија (Ненад Зивчевиќ) и за Хрватска (Алек Угриновски), а нашата голема ѕвезда Петар Наумоски, при распадот на Југославија имаше отворена понуда и прилика да бира за која република сака да игра.

Се уште нема ниту официјална, ниту неофицијална информација дали и овој наш бисер се поврзува на некој начин со настап во селекцијата на северниот сосед, но алармот мора да биде вклучен и да вришти, а нашите деца под итно треба да се приберат дома, особено по најавите дека Дино (синот на Душан) Боцевски решил да игра за Србија.

Од талентите што треба да ја преземат македонската репрезентација, а се на возраст меѓу 12 и 16 години, ќе го споменеме и Рубин Стефанов (синот на Врбица) кој што тренира во Турција, односно Теодор Симиќ (синот на Тони) кој што неофицијално е таргет на повеќе европски гиганти кои што сакаат да го видат во своите редови.

Сето ова, играњето во силните клубови и тренинзите со други селекции и на престижните кампови е добро за развојот на кариерите на овие млади кошаркари, но Македонија не смее да дозволи одлив на нашите таленти кои што се бројат на прстите на една рака, што веќе прераснува од кошаркарски и спортски, во сериозен државен проблем.