ПОЧЕТНА Во позадина НАУМОСКИ: Договорот со Чикаго Булс, ми беше на маса!!!

НАУМОСКИ: Договорот со Чикаго Булс, ми беше на маса!!!

сподели

Прославениот македоснки кошаркар, кој што прв го проби мразот на просечноста во која што некогаш живуркаа нашите таленти, ја отвори душата и призна дека одбил прилика да заигра со Мајкл Џордан.

Во периодот кога играше најдобра кошарка во неговата кариера и кога европските екипи се тепаа за потписот на Пеце, нашиот Национале не сакал да биде само уште едно име во редот во НБА лигата.

Во ексклузивно интервју за basketball.mk, сегашниот претседател на МКФ, Петар Наумоски, вели:

„Тоа беше 1996 година додека настапував за Ефес Пилсен и бев прогласен за најдобар играч во Европа според францускиот весник Л’Екип.

Ивица Дукан, тогашен и сегашен скаут за Чикаго Булс за европските простори, мој пријател од времето кога играв во Југопластика, беше во Истанбул и ми понуди директен договор за настап за славната НБА франшиза.“

Ивица Дукан и Тони Кукоч
Аплицирајте веднаш за

Претседателот на МКФ не ги криеше деталите околу финансиите и околу неговите барања, што тогаш ги поставил како предузлов да замине на гурбет преку Океанот.

„Сега можам да ги отворам сите карти во однос на финансиските услови, затоа што помина многу време. Понудата беше идентична со онаа што во тоа време ја имаше Стив Кер, тоа беа зборовите на Дукан.

Ми понудија 750.000 долари бруто, по сезона, од кои што подоцна се одбиваат даноците кои што во САД се многу високи. Не беше тоа минималец, затоа што најмалата плата тогаш беше околу 450.000 долари.“

Замислете го Петар Наумоски, во дресот на најлегендарната екипа во модерната кошаркарска ера.

„Мојот прв одговор беше дека цената е многу мала, затоа што во Ефес заработував тројно повеќе со многу помали давачки. Одговорот од Дукан беше дека тоа е буџетот, Џордан ги „земал“ сите пари, а од она што останало можеле да ми понудат толку.

Во тој момент Чикаго немаше вистински плејмејкер, таа позиција ја покриваа Кер, Пипен и Џордан. Тоа ме натера да кажам „прифаќам“, но под еден услов. Да играм 20 минути загарантирани по натпревар, кога сум физички подготвен.“

Наумоски беше немилосрден на теренот, му немаше рамен во играта 1 на 1, за него немаше „загубен натпревар“ или „противникот е подобар“, се до последната секунда.

„За такво нешто требаше да се праша Фил Џексон, кој што одговорил дека играчот треба на тренинзите сам да се избори за 20 минути на натпревар. Мене, тогаш, на 28 годишна возраст не ми беа потребни излети во САД каде што многу играчи не се снашле и се стопиле во просекот, иако слушав приказни за приватниот авион на Булс со џакузи, апартмани и слично.

Ме привлече шансата да играм со Џордан, но од она што го знаев и што го гледав, очигледно беше дека ќе имам проблеми околу минутажата, особено со тамошните играчи. Јас сакав да се докажувам, финансискиот дел не ми беше толку важен, но барав некаква потврда дека ќе играм, а не да ја греам клупата.“

Во 2008-та, Наумоски беше номиниран меѓу 105-те играчи кои што придонеле најмногу за развојот на Евролига во првите 50 години од ова натпреварување.

„Тој трансфер пропадна, но во исто време стигнаа понуди од Индијана Пејсерс, Детроит Пистонс и од Торонто Репторс. Тие ме канеа на летните кампови, додека Булс ми понудија конкретен договор.

Ме повлече моментот да играм со Џордан, но од денешен агол мислам дека не згрешив. Во Европа бев свој на своето, а таму ќе бев еден од многуте и ако не добиев шанса ќе останев чедо на просекот.“

Петар Наумоски со бројот 10, во редовите на Југопластика. (фото: 4.bp.blogspot.com)

„Шансата ја барав и во Југопластика, кога бев помлад, таа шанса не ја добив на натпреварите иако на тренинг, во директните пресметки со конкуентите за место во екипата, ја заслужував.

Јас дојдов во Сплит од Работнички, Југопластика веќе беше европски шампион. Ми беше кажано дека требало да помине една сезона адаптација, тоа беше филозофијата на Маљковиќ.

Јас пристигнав директно од војска, бев мартовска класа и по само еден месец во Работнички, потпишав за Југопластика и на терен ги совладував сите мои директни ривали – Сретеновиќ, Павичевиќ и до некаде Перасовиќ, кој што беше на позиција 2.“

Ефес Пилсен ја повлече 7-ката во чест на Петар Наумоски (фото: petarnaumoski.com).

„Во тој период од животот, физички бев во полна форма, тренирањето со Аца Николиќ и Божидар Маљковиќ беше привилегија и нешто што не може со зборови да се опише.

Тогаш тренингот и желбата за успех беа мојата дрога, адреналин кој што понатаму ме водеше во сите мои успеси и резултати во кариерата.“ – завршува Петар Наумоски.