ПОЧЕТНА Избор на уредникот Наумоски два пати преживеа, сега има прилика да се докаже

Наумоски два пати преживеа, сега има прилика да се докаже

сподели
Лимак Куп 2017, Кавадарци (фото: mkf.mk).

Актуелниот претседател на МКФ го очекува следното утро, по вториот неуспешен обид за пуч. Македонската кошарка, по Вонредното Собрание, се буди со продолжениот Куп викенд.

За жал, Федерацијата немаше многу време да се посвети на организација на Фајнал 8 турнирот, затоа што се бореше да ги сочува лицето и грбот.

Така беше и во претходните скоро 3 години од мандатот на Петар Наумоски, кој што (не) се бореше со конкурентите, (не)истомислениците и сите останати и други, надевајќи се дека вистината ќе победи.

Аплицирајте веднаш за

Сепак излезе дека имал право, или имал среќа, но што и да е точно од овие две претпоставки, треба што побрзо сето тоа да се остави на страна и да се работи на имиџот на македонската кошарка.

2:0 (во гласови тесни, но доволни 16:14) за Пеце, по последното Вонредно собрание на МКФ на кое што вторпат не успеа обидот за негова смена.

Нашиот некогаш најсакан и не толку одамна најуспешен спорт ги загуби битките со ракометот и со фудбалот, каска во позадина, исмејуван и понижен, зацрвенет од срам и со рацете на глава, поминувајќи од сала до дома и во спротивен правец, под терасите и низ темни улички далеку од булеварите каде што знаеше да се прчи, криејќи се од канонадата од навреди и скапан зарзават што по него ја фрла публиката, што спонтано се собра на плоштадот Македонија 2011-та година во бројка што СИТЕ ДРУГИ ШТО СОБИРААТ ПУБЛИКА ЗА КОЈА БИЛО ЦЕЛ МОЖЕ САМО ДА СОНУВААТ.

Знаеме дека нам ни се потребни 20 минути да заборавиме на се што не правело горди претходната деценија, тоа им се случи на ракометарите по мечот со Чешка на ЕП во Хрватска, чисто како компарација.

Челниците на МКФ имаат различни мислења по прашањето што треба да биде најглемото достигнување на оваа гарнитура, што ја води македонската кошарка, но радува што сите тројца, договорени ли не, ги опфаќаат сите сегменти во еден збир што треба да ја даде целосната слика.

Моника Гавриловска (Генерален секретар) и Владо Цветковски (Комесар за напреварување) се најистурените играчи на Петар Наумоски (фото: mkf.mk).

За состојбата во која што се наоѓа овој наш некогаш кралски спорт, не се и не смеат да бидат обвинувани тие, туку треба да бидеме реални и да се вратиме 20-тина години наназад. За едно или две лета, чуда не се прават, освен ако не си Мерлин, или Супермен, а не си!

Дали по создавањето на една нова генерација македонски пионерчиња кои што би ја носеле на плеќите репрезентацијата и би играле прва петорка во АБА лигата, што е приоритет на еден од тројцата мускетари (Пеце, Мони, Владо), дали учество на следното европско и враќање на европската мапа, што е приоритет на другиот, односно стабилизирање на нашите клубови што е приоритет на третиот, ова раководство мора да направи се, да биде запаметено по УСПЕХ!

Пеце Национале, во дресот на Ефес Пилсен.

Ја поистоветуваме кошарката со Пеце, како што не го поистоветуваме ракометот со Живко, Минчо или Самсоненко, туку со Кире. Фудбалот со Панчев или Пандев, а не со Илчо, Хари или Ѕинго. Дел од претседателите што ги споменавме се успешни, дел не, зависи кој како и што гледа, но сите тие се во позадина каде што и треба да бидат и да менаџираат.

Пеце е во специфична улога затоа што тој е првата икона на македонската кошарка, која што мора да се сочува и да се негува. По него дојдоа Врба, Тоше, Владо, Перо… Можеби некој од нив ќе го наследи и во фотељата, како што тоа беше на теренот. Треба да си ги чуваме и да си ги величаме СИТЕ!

фото: Вечер

Тврдењата за неговиот лош менаџмент со Федерацијата не се точни, ја оживеа и ја деблокира сметката што две децении беше дупната, од -600 до +150 илјади евра. Невиден цинцар, евреј, пироќанец и стипса е, не остава банка да излета непроверена. Ако тоа е лош менаџмент, тогаш ОК.

Младинските репрезентации (што не е случај во клубовите каде што треба да се прават играчи) се форсираат како никогаш, не затоа што Пеце има два сина кои што може да ги запише на која светска кошаркарска академија сака, туку затоа што е инает невиден и сака на сите да им докаже дека на младите светот останува, ама на нашите млади.

Кирил Николовски, Бојан Трајковски, Дарко Соколов и Дамјан Стојановски – репрезентативците на Македонија, во дресовите на Карпош Соколи и МЗТ Скопје Аеродром, на почетокот (1-во коло) на актуелната сезона.

Инаетот негов произлегува од неговиот успех, некогаш беше најдобар европски плејмејкер. Затоа што беше лидер кога играше, знае како им е на оние што ја греат клупата во својата татковина и сака македонските деца да играат, па ги лимитира клубовите на 2-ца наши постојано на терен, а се бори да го намали и вкупниот број на (половните!) странци.

Кога сфати дека само со постојано кажување на она што го направил, наместо да остави на стихијата, може да ја убеди јавноста во спротивната слика што некој од свои или нечии причини – со безброј повторувања во стилот 100 пати лага прераснува во вистина – сака да ја прикаже за него, тогаш всушност дознавме како тој работи и каков човек е.

фото: petarnaumoski.com

Наш драг (или не, зависи за кого како, што е дозволено се разбира) Пеце, еве ти трета среќа.

Шанса да погодиш слободно за победа на истекот на натпреварот кога нема веќе секунди, по фаул преку раце по кој што опонентот се спасил од неспортска, кога е нерешено, си го промашил првото, а по второто промашено судијата вели дека противникот предвреме влегол во рекетот.

Само со работа и со транспарентност, не со лажна демагошка пропаганда, ќе успееш да ни докажеш дека си навистина Национале. Искрените љубители на кошарката, ти ја посакуваат целата среќа на овој свет, во последните година и нешто од овој мандат.

Имаш време. Издиши. Погледни го обрачот, пред да го шутнеш слободното. Backspin, finger control, што би рекол Пит Маравич во филмот „Пистол Пит“… Знаеш како…