ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА НАСТОВСКИ: Македонија е богата со млади квалитетни кошаркари!

НАСТОВСКИ: Македонија е богата со млади квалитетни кошаркари!

сподели
Андреј Настовски долго време е дел од сениорскиот состав, сега ќе биде еден од предводниците на вториот тим

Пред околу една година, на гостувањето кај Будуќност во АБА лигата, влезе во историјата на ова натпреварување како најмлад стрелец (16 години) на поени во јадранското друштво.

Иако тоа требаше да биде мотив за клубот тој да добие прилика да покаже што знае, на Андреј Настовски (23.08.2000 – 186 см) дури сезонава, на мечот со Црвена звезда, му беше укажана шансата што тој ја зграпчи со двете раце.

„Се чувствувам подготвен да се натпреварувам со секого, секојдневно тренирам и работам напорно и се стремам кон постигнување на моите цели. И секако, задоволство ми е да играм за првакот на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром.“ – вели Настовски за basketball.mk.

Никогаш не ни недостасувал талент, но како никогаш до сега, тој наш кошаркарски талент е загрозен поради многу фактори. Има ли нашава земја кошаркарска иднина?

„Македонија е богата со млади и квалитетни кошаркари кои според мене, имаат потенцијал да бидат рамо до рамо со нивните врсници од другите земји, но сепак, тоа преостанува во нивни раце, да работат и да го достигнат нивниот идеал.“ – продолжува Настовски.

Тука ќе додадеме дека и покрај тренинзите, ако играчот не добие можност во реални услови да покаже колку знае кошарка, подготовките се бадијала. На тренинг се создаваат услови, но играч се гради на натпревар.

Андреј Настовски и Андреј Маслинко ја добиваат таа шанса сезонава и досега одлично ја користат, кога ќе ја добијат.

Штета што дуелот со регионалниот шампион беше првиот меч сезонава за Настовски, на кој што одигра скоро 13 минути со 3 поени (1/1 за 3 и 0/2 за 2) и со една украдена топка.

„Сметам дека натпреварот со Црвена Звезда беше едно големо искуство за мене. Од мојата игра воглавно сум задоволен, но секогаш се стремам кон подобрување на истата и учење од претходно направените грешки.“ – вели Настовски.

Колкава шанса добиваат младите во македонските клубови, во кои што е дозволено да играат 6 странци?

Сведоци сме дека последнава деценија, па и подолго, во Македонија немало екстра класа играч однадвор кој што би „ја повлекол“ нашата лига нагоре и би придонел за пораст на квалитетот.

„Според мене, младите играчи во нашата држава добиваат шанса да се истакнат во нашите прволигашки клубови, како што е случајот со КК Работнички, но сепак, некои се одлучуваат да си ја пробаат среќата во странски клубови.“ – се зборовите на Настовски.

МЗТ Скопје како организација има високи цели, со оглед на плодните 6 сезони што изминаа во кои што беше освојувана титулата, беше постојано во завршниците од Куп натпреварувањето и воедно учествува во АБА лигата.

„Сметам дека ние повторно ќе го освоиме трофејот во македонското првенство и секако, се надевам дека ќе го освоиме Купот на Македонија оваа година. А, за АБА лигата се стремиме да обезбедиме опстанок.“ – заклучува Настовски.

НАПОМЕНА: Фотографиите искористени во ова интервју се од личната колекција и беа испратени во нашата редакција од страна на Андреј Настовски.