ПОЧЕТНА Некатегоризирана Мора да прекине серијата: МЗТ Скопје не победил од 29 септември

Мора да прекине серијата: МЗТ Скопје не победил од 29 септември

сподели
Стајиќ (Работнички) и Мекиќ (Куманово) играа заедно во МЗТ Скопје.

Точно четири месеци и пет дена МЗТ Скопје го чека вториот триумф на домашен терен во АБА лигата.

Првиот, и последен во регионалното натпреварување, го оствари во воведното коло против Партизан на 29 септември со 92:89. Тогаш тренер на екипата беше Александар Тодоров, во тимот беше американското трио Гарсија-Џенсен-Бејли, но и македонските репрезентативци (сениорски и младински) Мекиќ, Стајиќ, Митев и Мамузиќ.

Тој триумф направи огромна еуфорија во Аеродром, пораснаа амбициите и гласно се зборуваше за пласман во првата половина од табелата во АБА лигата. Никој веројатно не помислуваше дека на следната победа на домашен терен ќе се чека речиси до крајот на сезоната, а не помогна ниту враќањето на “Фемили” на трибините во “Јане Сандански”.

Многу се изменија работите во овој период, МЗТ Скопје има нов тренер, нова управа и голем број нови играчи

Да биде најлошо, МЗТ Скопје е пред испаѓање од АБА лигата и само теоријата го одржува во игра во последните четири кола.

Но, оттогаш се сменија многу работи, како во управата, така и во составот. МЗТ Скопје има ново раководство, има нов тренер, а од тој натпревар со Партизан играат само уште Лалиќ, Пенов, Трајковски и Стојановски.

И Олимпија не се прослави сезонава во АБА лигата (фото: Petrol Olimpija, Ales Fevzer)

Екипата се наоѓа во серија од осум порази на домашен терен, другите две победи ги оствари на гости кај Игокеа и Цибона, но во еден период беше во низа од 11 порази во АБА лигата воопшто.

Словенечкиот шампион Олимпија е добра можност лошата серија да биде прекината. Еден од основачите на АБА лигата не може да се пофали со добри резултати сезонава, доживеа и тренерска смена, а играњето на три фронта остава траги врз играчите и нивната форма.

Натпреварот се игра во 17 часот во “Јане Сандански”, по овој меч МЗТ Скопје на домашен терен се среќава само уште со Цедевита по што ќе се насочи на домашното првенство.