ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мифтари: Шкупи ќе игра во Прва лига за да ѝ помогне на...

Мифтари: Шкупи ќе игра во Прва лига за да ѝ помогне на македонската кошарка

сподели
Шкупи ќе биде единствен во македонската кошарка со прволигаши и во машка и во женска конкуренција

Првпат во историјата Шкупи ќе игра во Првата лига на Македонија откако клубот од Чаир ја прифати поканата на МКФ и ја уплати котизацијата од 5.000 евра за учество во елитата.

Екипата се подготвуваше за настап во Втора лига, веќе го состави и тимот за настап во оваа конкуренција, па во следните денови ќе треба да реорганизира и да направи состав со кој ќе може да се бори со најдобрите македонски клубови. Тоа создава проблеми, но никој не се грижи за тоа бидејќи големо е задоволството да се дебитира во највисок ранг на натпреварување.

„Кошаркарскиот клуб Шкупи секогаш се трудел да биде од помош на македонската кошарка. Кај нас работат луѓе кои се со децении во овој спорт и многу тешко ни паѓа тоа што се случува во него последните месеци.

Најзаслужен за подемот на чаирскиот клуб – Енвер Мифтари

Шкупи ќе биде единствен клуб кој во новата сезона ќе има прволигаши и во машка и во женска конкуренција и тоа е наш придонес за кошарката. Можеби нема да се бориме за титулите, но сигурен сум дека ќе поттикнеме уште некого да вложи и да го промовира овој спорт“, изјави за basketball.mk предводникот на Шкупи, Енвер Мифтари.

Периодот до почетокот на сезоната е краток, остануваат уште четири дена и во него екипата треба да се засили, да се комплетира и да се воигра.

„Ќе побараме од Здружението на прволигаши и од МКФ да се пролонгира почетокот на домашното првенство за да бидеме компетитивни. Ако не ни излезат во пресрет, нема проблем, ќе играме со кошаркарите со кои располагаме во моментов, а потоа во од ќе се засилуваме”, додаде Мифтари.

Настапот во елитата е голем предизвик за сите во Шкупи
Аплицирајте веднаш за

Своите домашни натпревари, Шкупи ќе ги игра во салата “Шабан Трстена” во Чаир, а веќе се договорени две засилувања. Едниот е поранешниот кошаркар на Бест, Тај Херис кој остави одличен впечаток во периодот додека настапуваше во домашното првенството. Вториот е Џејсон Нвисиенји кој игра на позицијата 4 и треба да биде засилување под кошевите.