ПОЧЕТНА Избор на уредникот МИТЕВ: Целта ми е титула во Евролигата

МИТЕВ: Целта ми е титула во Евролигата

сподели

Нема многу македонски тренери кои својата кариера ја граделе или ја градат во странство. Во моментов, покрај селекторот Јорданчо Давитков, надвор од границите на Македонија се уште Емил Рајковиќ, Заре Марковски, Панче Милевски, Борче Илиевски, Бобан Митев и уште неколкумина.

Митев е помошен тренер во Банвит веќе 18 месеци, а најголем дел од својата 25-годишна кариера помина во странство. Почна во младинската школа на Работнички, тој беше првиот што го забележа квалитетот на Ѓорѓи Чековски и му даде шанса. Потоа работеше во МЗТ Скопје, Карпош Соколи и женската екипа на Вардар пред првпат да замине „надвор“.

Работеше во Словенија, потоа во Полска, кратко се врати во МЗТ Скопје, па во Русија, Косово и Германија пред да стане селектор на Иран и прв тренер на МЗТ Скопје и на Кожув.

Аплицирајте веднаш за

Некако целата кариера му е врзана со Сашо Филиповски со кого е и сега во Банвит. Под водство на овој тандем, тимот од Бандирма ги оствари најголемите успеси во својата историја: титула во Купот на Турција и финале во кошаркарската Лига на шампиони.

„Со Сашо Филиповски се знам уште од училишните денови кога игравме баскет на кошот на “Кардељ” (сегашно ОУ “Ѓорѓија Пулевски”) во Аеродром. Во 1989 година тој се пресели во Словенија, а сосема случајно се споивме повторно во 1999 година кога јас заминав таму на усовршување.

Одлично се вклопивме заедно, три години работевме во тимот на Туров, потоа и во Локомотив Ростов, но најголемите успеси ги остваривме со Банвит”, се потсетува 45-годишниот стручњак.

Банвит не е тим од турскиот кошаркарски крем иако последните сезони постојано е во горниот дел на табелата. Успехот во Купот на Турција и Лигата на шампионите беше кулминација на подемот на овој клуб од кој минатото лето „ќари“ и македонската репрезентација со ангажманот на Џордан Теодор.

„Банвит постои веќе 24 години, но најголемите успеси ги бележи последните шест-седум сезони. Во 2013 година екипата стигна до финалето на плеј-офот каде загуби од Галатасарај. Следната натпреварувачка кампања во тимот работеше и Димитриос Итудис, сегашен тренер на ЦСКА.

Оваа сезона клубот има нешто помал буџет во однос на минатата, па поради тоа и амбициите се нешто намалени. Главна цел во моментов ни е да бидеме во топ-8 екипи со што ќе обезбедиме пласман во завршницата од Купот на Турција, да се бориме за титулата во Лигата на шампионите и да играме во плеј-офот од домашното првенство.

Банвит не е клуб кој купува големи ѕвезди, туку се обидуваме ние да ги создаваме. Тука играат кошаркари кои бараат свое место под сонцето и се свесни дека шансата што ќе ја добијат тука еден ден добро ќе ја наплатат.

Таков беше случајот со Фуркан Коркмаз кој минатата сезона настапуваше во Банвит како позајмен играч од Анадолу Ефес и го покажа целиот свој квалитет за летоска да се пресели во Филаделфија 76. Тој беше прогласен за најдобар млад играч во Лигата на шампионите минатата сезона.

Истото важи и за Џордан Теодор кој дојде како анонимен кошаркар, а сега игра во Евролигата.

Она што се обидуваме да им го посочиме на играчите е дека можат да играат тука само ако се борат за секоја топка и се подредени на колективот”, додава Митев.

Како бомба во Турција одекна победата на Банвит против европскиот шампион Фенербахче во претходното коло од домашното првенство.

„Бевме свесни дека Фенербахче нема многу време за одмор бидејќи два дена пред натпреварот со нас имаше тежок дуел против Барселона во Евролига. Знаевме дека можеме да го изненадиме само со борбена и пожртвувана игра и го остваривме тоа.

Направивме добар скаутинг, се покажаа точни нашите претпоставки дека Фенер ќе се обиде да игра преку центрите, да ја спушти топката под кош и да се обиде да го искористи нашиот недостаток на високи играчи.

Тоа и се случи, но ние го изненадивме во одбраната, имавме и малку среќа во финишот, ама и знаење да постигнеме два поена повеќе кои ни ја донесоа победата”, се потсетува македонскиот стручњак.

Кариерата на Митев е исклучително интересна и парадоксална во исто време. За разлика од неговите македонски колеги кои се докажуваа и освојуваа трофеи во Македонија за потоа да го пренесат својот квалитет во странство, тој уште на 27 години замина надвор од земјата и изгради кариера на која многумина можат да и позавидат.

„Некако не се склопуваа коцките кога и да работев во Македонија. Последниот пат кога бев во земјата дојдов на инсистирање на Змаго Сагадин кој сакаше јас да бидам во неговиот стручен штаб во МЗТ Скопје.

Кога тој доби отказ, логично беше јас да ја продолжам работата, но управата одлучи да му даде доверба на Врбица Стефанов. Тој не се снајде најдобро, па дури потоа челниците на клубот се сетија на мене.

Но, тимот веќе беше составен и тоа не онака како што сакав јас, имаше кошаркари кои не се вклопуваа во мојот систем на работа и тоа ми создаваше само неволји.

Имавме проблеми во екипата, од тој период морам да го потенцирам однесувањето на Дамјан Стојановски и Марко Симоновски кои беа вистински професионалци и се заложија и за мене и за екипата. Кратко време останав таму, а потоа се разделивме.

Подоцна имав епизода и во Кожув и со задоволство се сеќавам на тоа време поради тогашниот спонзор на клубот Томица Главчев на кого сум му исклучително благодарен. Беше мошне коректен, кога добив понуда да работам во Иран, тој ми даде целосна поддршка и ми рече дека морам постојано да се усовршувам и да работам во странство.

Што се однесува до репрезентацијата, ниту сегашното, ниту поранешното раководство на Федерацијата немаше визија и не се ни обиде да ги искористи моите квалитети. Сите знаат каков работник сум јас, дека тежнеам кон совршенство, а никогаш не добив шанса да работам во репрезентацијата.

Како поминуваше времето сфатив дека јас сум преголем професионалец за нив и поради тоа не им одговарам”, анализира Митев.

Кога дојде на клупата на МЗТ Скопје, навивачите беа презадоволни, знаеја каков кошаркарски фанатик ќе биде тренер на нивниот омилен тим. Но, сега, искусниот стручњак не би прифатил по секоја цена да работи во Македонија.

„Со Сашо Филиповски имаме договор со Банвит до крајот на оваа сезона. Веројатно потоа ќе седнеме на преговори за евентуално продолжување, но нема да биде чудо ако продолжиме во друга земја. Неодамна разговаравме и заклучивме дека двајцата имаме амбиција да водиме екипа од Евролигата, па дури и да ја нападнеме титулата во тоа натпреварување.

Кога станува збор за враќањето во Македонија, тоа сега изгледа речиси невозможно. Мене титулите не ме интересираат, ако се вратам во татковината, тоа би било поради некој долгорочен проект, а во моментов не гледам можност за такво нешто.

Јас сум повеќе за создавање играчи и екипи, а тоа е процес кој трае еден олимписки циклус – 4+1 години, па можеби и два циклуса. Кога ќе добијам гаранција за такво нешто, сериозно би ја разгледал таа опција”, завршува Митев.