ПОЧЕТНА Избор на уредникот Мисијата е исполнета, кој е наследникот на Наумоски?

Мисијата е исполнета, кој е наследникот на Наумоски?

сподели
Претседателот на МКФ, Петар Наумоски и репрезентативецот Бојан Трајковски.

Претседателот на МКФ (во изјава за ekipa.mk) најави заминување од Македонија, поради лични причини, а тоа е развојот на кошаркарските кариери на неговите два сина, што според семејната одлука било најдобро да се случува во Турција.

Петар Наумоски вели дека со крената глава ќе ја предаде функцијата прв човек на нашата кошаркарска федерација, затоа што се што било ветено е исполнето, па дури и повеќе од тоа.

Михаил и Петар Наумоски – Instagram

„Главната мисија беше да се врати МКФ во живот, затоа што 16 години беше блокирана сметката и се работеше со приватна фирма, потоа да се обезбеди беспрекорно функционирање и работење во следниот период.

Сето тоа беше направено со швајцарско точно време на исплата на платите на вработените, месечните режии, како и сите други обврски кон нашите соработници (хотелите, салите, агенцијата преку која што се патува), како и кревањето на рејтингот на оваа институција во очите на истите коминтенти и на сите клубови членки на МКФ.“ – вели Наумоски за basketball.mk.

Аплицирајте веднаш за

Мандатот на Наумоски трае и тој не планира да се повлече до април/мај 2019-та година, а евентуалната преселба на неговото семејство во Истанбул не би значела и негово откажување од функцијата за која што грчевито мораше да се бори и да се одбрани од „нападите“.

„На се уште незавршен мандат, завршени се сите ветувања, па дури и многу повеќе од тоа. Во завршна фаза сме да ја добиеме и салата што државата треба да ни ја предаде во владение, што го немав ветено во овој мој мандат, а всушност е многу битна работа за создавање и подобрување на младите играчи.

Со таа сала се планира да се надгради овој проект што го почнавме со ФИБА (“Заедно до У16”), што го почнавме пред 2 години и што кулминира токму со оваа генерација 2002 која што сега не израдува со пласманот во полуфиналето и од која што се надеваме на медал и на пласман во А дивизијата.“

Главната цел на ова раководство на МКФ, според зборовите на Петар Наумоски, била поставување на стабилна структура за работа со младите генерации.

„Продолжено е исто така и со генерациите 2003 и 2004, дополнително во 2004 ги уфрливме и девојчињата, што е практично плодот на ова раководство на МКФ, за што се надевам дека никој во иднина нема да оди под сето ова што е сработено, туку ќе се надградува за што подобри резултати.“

Наумоски уште еднаш потенцира кој треба да ги создава играчите и што е функцијата на Федерацијата.

„Постојано го потенцирам работењето во клубовите со младите категории, затоа што тие треба да го подигнат нивото на организација и на функционирање, за да се создадат 12 месечни врвни услови за работа и за напредок.

Запознат сум со работата на МЗТ Скопје во тој сегмент и искрено сметам дека овој клуб заслужува голема пофалба. Тоа лично мене многу ме радува, па верувам дека ова раководство со управниот одбор, ќе најде начин и решение како да го награди и поддржи овој вистински чекор, со што во блиска иднина би се стимулирале и останатите клубови!“

Ова раководство на МКФ протурка и едно правило кое што е од голема полза за нашите играчи (3 домашни играчи на терен), во времето кога конкуренцијата од страна, од странците, „лажна“ (колку да се одигра за статистика) или „вистинска“ (квалитетни играчи), е пеколна.

„Ова е македонска кошаркарска лига и тука треба да играат македонски кошаркари, а ростерите треба да се дополнети со квалитетни странци, а не обратно.

Можеби веднаш нема да има доволно добри домашни играчи, меѓутоа доколку еднаш не се почне, тогаш никогаш нема ни да дознаеме до каде сме или да добиеме добри домашни играчи, кои што сепак ќе треба да ја преставуваат македонската кошарка и надвор од нашите граници (во други клубови и во репрезентацијата).“ – вели Наумоски.

Кој ќе го наследи Пеце?

Според се она што последниов период се случуваше во нашата кошарка, логично е тоа да биде еден човек. Владимир Темелковски. Во моментов, немаме подобра опција.

Синот на некогашниот претседател на КФМ, Зоре Темелковски, влезе во Федерацијата како спортски директор на МКФ, но наша претпоставка е дека неговиот ангажман нема тука да заврши.

Темелковски потекнува од амбициозно семејство на успешни спортисти, бизнисмени и политичари, веднаш по стапувањето на должноста што ја има во моментов се почувствува неговото присуство, па логично е да претпоставиме дека ова е само подготвителен период за вистинскиот предизвик.

Владимир Темелковски има и ќе има доволно време да се запознае со начинот на кој што функционира нашата кошаркарска федерација, со работата на клубовите, со правилниците, со задкулисните игри на ова модерно време, па при евентуалното негово стапување на функцијата претседател, ќе биде подготвен на се.

Томе Главчев, Петар Наумоски и Владимир Темелковски на трибините во салата на КК Блокотехна.

Неофицијално дознаваме, дека вакво сценарио им било понудено и на дел од претходните кандидати што сакаа, некој на сила, некој легално, да го сменат Пеце, но ниту еден од нив не прифатил.

Како што неколку пати и јавно истакнуваше Наумоски, тој не сака(л) само да ја предаде функцијата на кого било, туку сака(л) тоа да биде човек што ќе има програма и што ќе ја постави или оддржи македонската кошарка на здрави нозе.

Наумоски беше прогласен за еден од 100-те играчи кои што придонеле најмногу за развојот на Евролига во 20-тиот век.

Познавајќи го карактерот на Наумоски како играч, тешко беше да се поверува дека тој ќе се предаде без борба и во функционерските води, не сакајќи да му се руши угледот што го стекнувал со децении, што беше и практично докажано со неколку виртуозни маневри на искусен лисец.

На крајот, ќе излезе дека повторно во манирот во кој што ја „тресеше“ Европа со неговите игри, Пеце Национале излегува победник и во една од најголемите битки во неговата пост-играчка кариера, а на негово место ќе дојде подготвен играч кој што ќе ја продолжи и ќе ја надогради неговата работа.