ПОЧЕТНА Некатегоризирана (ВИДЕО) Мириса на ново финале во Окленд

(ВИДЕО) Мириса на ново финале во Окленд

сподели
фото: NBA

Голден Стејт уште еднаш го победи Портланд Трејл Блејзерс во финалната серија од Западната конференција и води со 2:0.

Иако имаше негатива од 17 поени во втората четвртина (45:62 и 48:65), бранителот на титулата направи пресврт во вториот дел со што го одбрани домашниот терен пред два натпревара во Орегон.

Почна со серијата од 13:0 во третиот период за 66:69, а по низата од 6:0 дојде до 87:82. Портланд не се предаде, и во последната четвртина имаше водство од осум разлика (100:108), но Голден Стејт финишираше со 14:3 за конечни 114:111.

„Го украдовме натпреварот. Не надиграа“, призна тренерот на Голден Стејт, Стив Кер по завршувањето на мечот.

Повторно Стеф Кари го надополни отсуството на Кевин Дурант, постигна 37 поени со по 8 скока и асистенции. Најблиску до него беше „брат му“ Клеј Томпсон со 24 поени, но мора да се потенцира и ефектот на Грин кој реализира 16 поени, 10 скока и 7 асистенции.

Во екипата на Портланд, Лилард и МекКалум беа најдобри, првиот со дабл-дабл од 23 поени и 10 асистенции, вториот со 22 поена.

Третиот и четвртиот натпревар се играат на теренот на Блејзерс каде оваа екипа не смее да си дозволи кикс. Со ваква игра, големи се шансите да биде 2:2.